Македонија
12. October 2023 - 14:46

МТСП: Протестите треба да бидат пред институциите кои се надлежни за барањата на градоначалникот Костовски

Министерството за труд и социјална политика, навремено и одговорно ги има извршено обврските за поднесување на барањата за вработување во градинката ЈОУДГ „11 Октомври“-Бутел, но Министерството за финансии ги има одбиено, соопштуваат од МТСП, отфрлајќи ги обвинувањата на градоначалникот на Бутел Дарко Костовски дека министерката Јованка Тренчевска ги кочи 26 согласности за вработувања во градинката. 

Оттаму, негираат дека се работи за 26 согласности за работа, туку, како што велат, за градинката биле побарани три согласности во текот на месец февруари, а во месец септември шест согласности.

- Министерството за труд и социјална политика не е надлежен орган за обезбедување на финансиски средства за вработување или унапредување, а градоначалникот Костовски, како лице кое произлегува од оваа институција, би требало да ги познава надлежностите на истата и да не шири дезинформации. Согласно Член 20 од Законот за извршување на буџетот за 2023 година, буџетските корисници и единките корисници на средства од Буџетот на РСМ, можат да вработуваат работници на определено време, на неопределено време и да склучуваат договори за отстапување на работник за привремени вработувања, за вршење на привремени работи само под услов ако за тоа се обезбедени финансиски средства во државниот Буџет, односно во финансиските планови за тековната фискална година, велат од МТСП.

Оттаму, посочуваат дека буџетските корисници (во случајов МТСП) доставуваат барање за добивање на известување од Министерството за финансии за обезбедени финансиски средства за пополнување на работно место преку вработување на неопределено време во рамките на единките корисници (ЈОУДГ „11 Октомври“-Бутел) кои се во нивна надлежност по претходно извршена анализа за оправданоста на барањето за вработување и само доколку станува збор за работно место кое е неопходно за вршење на основната дејност на единката корисник.

- МТСП како буџетски корисник постапува по сите барања доставени од единките корисници, истите ги доставува до Министерството за финансии со целокупната документација. Министерството за финансии во рок од 30 дена од денот на приемот на барањата за пополнување на работно место писмено го известува МТСП за обезбедените финансиски средства за вработување или унапредување. Ова се постапки според закон, а Министерството за труд и социјална политика во мандатот на министерката Тренчевска работи доследно на законите во текот на нејзино раководење, нагласуваат од МТСП.