Бизнис
17. November 2022 - 16:38

МТСП најавува нов пакет мерки за помош, ВМРО-ДПМНЕ досегашните ги оценува како шминка

Ќе се шири листата на граѓани кои ќе добиваат помош од државата. Министерката за труд, Тренчевска, вели дека се прават пресметки, ама новиот пресек би бил дури по Нова Година. До крајот на неделава, пак, најавен е нов пакет-антикризни мерки и за стопанството.

„Ситуацијата будно ја следиме, се прават анализи. Во 2023 година опфатот ќе биде проширан на нови категории граѓани кои ќе добиваат финансиска поддршка. Се дефинираат нови мерки и за стопанството, се со цел заедно и полесно да го надминеме зимскиот период. Во наредниот период, економските министри ќе ги објават новите мерки“ – Јованка Тренчевска, министер за труд и социјала

За ВМРО-ДПМНЕ, пак, досегашните мерки се само козметика. Велат дека подготвуваат нов сет мерки кои ќе ги предложат во предлог-буџетот за наредната година.

„Од она што тие го предложија, издвојуваат само 20-ина милиони евра. Ние велиме дека ако сакаме да ги опфатиме сите категории, посебно најзагрозената, тоа се пензионерите потребни се уште 27 милиони евра коишто, ако ги видите ставките за буџетот догодина, ако ги одеземе по 20 проценти од сите ставки за мебел и договорни услуги или набавка на стоки и услуги може да се обезбедат средства за да бидат помогнати сите категории на граѓани“ – Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Засега мерки има само за најранливите категории. Опфатени се околу 200 илјади граѓани. Меѓу нив се социјално загрозените, лицата со попреченост, самохраните родители и пензионерите. Тие ќе добиваат пари од државата 4 месеци, почнувајќи од декември. Списоците со корисници ќе бидат објавени на МТСП, ФПИОМ и АВРМ.