Бизнис
27. September 2022 - 16:35

Можна национализација на БЕГ како решение за топлинската криза - Владата сепак се надева на договор

Енергетската криза ќе се надминува со зголемено домашно производство и пари од блискиот Исток. Од утрово работи првиот котел во ТЕЦ Неготино, а за скоро ќе стартува и третиот блок во РЕК Битола. Ковачевски тврди дека постојано разговара со колегите од странство, за да се најдат соодветните енергенси.

„Веќе имаме обезбедено финансиска конструкција и денеска има некои одлуки кои ќе се носат со билатерални кредитори. Очекувам и со ММФ многу скоро да се завршат преговорите и да имаме и таму договор. Меѓутоа, ќе водиме преговори и со други држави кои се финансиски побогати и кои ги пласираат своите средства во Европа, а тоа се државите од Блискиот Исток…така што Министерството за финансии работи и на тоа“ – Димитар Ковачевски, премиер.

Во меѓувреме, вицепремиерот Битиќи ги смирува скопјани – парно ќе има цела сезона. Процедурите за преземање на снабдувањето со гас од страна на ЕСМ се при крај, вели тој.

„ЕСМ согласно активностите кои треба да ги преземе, треба да обезбеди или гас или мазут.Тоа се двата енергенси коишто ни се потребни. Според информациите, тие се веќе во завршни преговори за набавка на гас. Кој е изворот за нас и за граѓаните е најмалку важен, важно е дали има топлинска енергија.“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер.

Но, Бектеши денеска рече преговорите со компанија понудувач пропаднале затоа што била понудена цена за гасот неколкупати повисока од таа на пазарот.

„Понудената цена е 2.500 долари за илјада метри кубни. Да не се користи моментот оти имаме двајца трговци за да се придобие во овој момент. Затоа што понудената цена е поголема од таа од берзите и кон ТЕТО и кон ЕСМ. Берзанската цена денеска е 1700 долари“ – Крешник Бектеши, министер за економија.

Надлежните повторија дека БЕГ има обврска да го снабдува Скопје со парно се додека не се додели лиценца на друга компанија, а доколку не го стори тоа, согласно законот за управување со кризна состојба, државата има право да ги користи ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби. Иако вчера од БЕГ изрично рекоа дека поради одзмените лиценци немаат обврска, а ниту пари и ресуси за снабдување со топлинска енергија.