Македонија
15. October 2018 - 17:24

МОСТ: Соработката на граѓанските организации и новинарите неопходна за да се влијание врз процесот на носење одлуки

Во рамки на проектот „Медиа платформа за застапување“, имплементиран од Граѓанската асоцијација МОСТ, денеска беше промовиран краткиот документарен филм од успешните проекти и кампањи за застапување спроведени од 10 локални организации и новинари.

На настанот беше промовиран и прирачникот за застапување на локално ниво.

Заклучокот од сите спроведени проекти и дискусии, како што е наведено во соопштението од МОСТ, беше дека соработката на граѓанските организации и новинарите е неопходна за да се влијание врз процесот на носење одлуки. Само преку постојана меѓусебна соработка може да дојде до решавање на проблемите на граѓаните од локалните заедници. 

Во рамки на проектот беа доделени 10 мали грантови за спроведување на заеднички кампањи за застапување на граѓански организации и новинари од сите плански региони. Финансиската поддршка имаше за цел да ја поттикне соработката помеѓу граѓанските организации од една страна и новинарите/медиумите од друга страна, кои преку креираните партнерства и соработка требаа да ги надградат своите капацитети и  да придонесат во развојот на истражувачкото новинарство во Република Македонија. 

Организациите добија финансиска поддршка да спроведат проекти во времетраење од три до шест месеци во соодветните региони, на теми поврзани со заштитата на животната средина, заштита на човековите права и правата на социјално ранливите групи, граѓанско учество, но и земјоделство.

Во рамки на проектот покрај доделените мали грантови, беа одржани осум обуки во сите плански региони. На обуките учествуваа повеќе од 200 учесници, кои во рамките на четири дена се запознаваа основите на застапувањето и истражувачкото новинарство, а преку практични примери и вежби се запознаа детално со чекорите во процесот на застапување и креирање на една истражувачка сторија.

На обуките беше промовирана и online платформата www.getdata.mk, која претставува алатка за новинари и граѓански организации кои работат на истражувања поврзани со корупцијата и владеењето на правото.

Проектот „Медиа платформа за застапување“ е финансиран од Европската Унија, преку преку ИПА програмата за граѓанското општество и медиуми 2014. Целта на проектот беше да се даде придонес кон овозможувачка околина за квалитетно истражувачко новинарство и зајакнување на соработката меѓу медиумите и граѓанските организации за зголемување на нивното влијание врз јавните политики и процесот на донесување одлуки. Проектот се спроведуваше од јануари 2016 година до октомври 2018 година.