Македонија
16. October 2019 - 10:04

Монографија од истражувањата на локалитетот Градиште во Таор

Музејот на Град Скопје денеска напладне ќе ја промовира монографијата „Таор –  рановизантиско утврдување и населба од праисторијата до средниот век“ од  Киро Ристов.

Монографскиот труд е резултат на повеќегодишни археолошки истражувања на Музеј на Град Скопје, почнати во 2000 година на локалитетот Градиште во село Таор во скопската општина Зелениково.

-Со мали прекини, истражувањата се одвиваа до 2017 година под раководство на авторот м-р Киро Ристов. Од 2008 година локалитетот се вброи во капиталните археолошки проекти иницирани од Владата на Република Македонија во координација на Управата за заштита на културното наследство, финансирани од Министерството за култура, соопшти Музејот на Град Скопје.

На повеќе од 350 страници, монографијата опфаќа содржини од истражувањата од различни периоди: праисториски (рано бронзено време од 2200 – 1800 год. п.н.е), хеленистички, раноримски, рановизантиски, средновековен период и доцносредновековна некропола од XV до XVII век.

Во книгата посебно се обработуваат наоди на 546 откриени монети, преку каталог во кој е обработена секоја монета, како и каталог на 407 наоди откриени со истражувањата.