Македонија
20. November 2022 - 16:47

Моника Зајкова нова лидерка на ЛДП

Со 364 „за“ и 1 „против“ Моника Зајкова беше избрана за нова претседателка на ЛДП. Таа беше единственa кандидатка на конгресот. Вети напорна работа и повидливи политики, а изрази и поддршка за францускиот предлог и отворање на Уставот.

„Предлогот е завршено прашање, треба да гледаме напред,Собранието усвои заклучоци, јас бев дел од оние коишто дадоа поддршка на тие заклучоци со коишто се обврзува ниту една влада да не може да преговара за македонските идентитетски прашања. Она кон кое треба да се стремиме е прогресот, односно храбро да чекориме и да ги продолжиме преговорите со ЕУ. За нас не е спорно влегувањето на Бугарите во Уставот, но она што ќе го предложиме е и влез на еврејската заедница како дел од народ кој учествува во креирањето на темелите на оваа држава.“ – Моника Зајкова, претседателка на ЛДП

Претходниот лидер Милевски, пак, кој беше против францускиот предлог и сега се сомнева дека тој ќе го одблокира евроинтегративниот пат. Сепак, вели не треба да се изолираме.

„Доколку останеме во национализмот и во 19 век ќе биде многу тешко Македонија да ги исполни тие неразумни барања, според мене, меѓутоа времето ќе покаже дали стравовите биле оправдани или не. Кога го усвоивме Преспанскиот договор ние влеговме во НАТО. Сега ова е договор за договор, бидејќи со Бугарија треба допрва да преговараме.“ – Горан Милевски, поранешен претседател на ЛДП

Денеска се одржа 8-миот редовен конгрес на ЛДП, а партијата доби нов лидер после 7 години.