Македонија
18. November 2017 - 15:12

Монашки хорови од Македонија на фестивал во Солун

Монашкиот хор на Бигорскиот манастир и монахинските хорови „Свети Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица и манастирот Пречиста кај Кичево, утре ќе настапат на 8.Меѓународен хорски фестивал, што викендов се одржува во Солун.

Древните црковни песни, со кои црнорисците од Бигорскиот манастир и манастирите Рајчица и Пречиста го слават Бога, ќе прозвучат на црковнословенски јазик во Солунската концертна сала, најреномираната музичка институција во северна Грција.

-Поканата за настап на хорот на Свештената Бигорска Обител, како и на сестринскиот хор од манастирите Рајчица и Пречиста на еден ваков реномиран фестивал, покажува дека грчкото општество се повеќе се отвора кон нашата МПЦ-ОА и препознава во неа жив и интензивен црковен, светотаински живот, со активно монаштво, редовна богослужбена пракса – од каде што, всушност, и произлегува искуството за изведбата на вакви богослужбени песнопенија, истакна архимандрит Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител.

Ваквите настани, посочува тој, даваат и можност за натамошно продлабочување на меѓусебните врски, но и за стекнување на нови, кои во иднина би биле од голема полза за нашето меѓусебно зближување како два братски православни народа.