Македонија
18. October 2022 - 18:06

МНР упати вербална нота до Софија поради изјавите на европратеникот Џамбаски

Министерството за надворешни работи соопшти дека преку својата Амбасада во Софија упатило вербална нота, со која изразува крајно незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и ко-претседател на политичката партија ВМРО – Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), Ангел Џамбаски.

– Џамбаски во повеќе наврати изразува иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници на Република Северна Македонија. Упатувајќи закани и тешки навреди, повредувајќи го достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани, г-нот Џамбаски се однесува спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, информираат од МНР.

Министерството посочува дека соодветно на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, по ова известување, очекува државното раководство, Владата и Министерството за надворешни работи на Бугарија да го осудат и да се оградат од изјавите на Џамбаски.

– Истовремено, Министерството за надворешни работи би ги ценела евентуалните активности преземени од надлежните институции на Бугарија за преземање мерки за превенција на вакви и слични однесувања, се додава во соопштението на МНР.