Свет
24. February 2022 - 9:05

МНР на Украина: Ова е чин на војна, напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина

Изјава на Министерството за надворешни работи на Украина во врска со новиот бран на руска агресија врз Украина

Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин најави почеток на нов бран на агресија против Украина.

Целта на руската офанзивна воена операција е уништување на украинската држава, насилно заземање на украинска територија и воспоставување окупациска контрола.

Руските војски остваруваат напади на мирните украински градови од различни правци, вклучително и од страната на привремено окупираните Донбас и Крим, како и североисточниот регион.

Ова е чин на војна, напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, грубо кршење на Повелбата на ООН и основните норми и принципи на меѓународното право.

Украина го активира своето право на самоодбрана во согласност со меѓународното право.

Борбениот дух на украинските војници е висок, нашите бранители се подготвени да и дадат решителен отпор на државата агресор и со сите сили ќе ја бранат украинската земја.

Украина ја повикува меѓународната заедница веднаш да дејствува.  Само обединети и решителни чекори можат да ја запрат агресијата на Владимир Путин против Украина.

Нашите партнери мора веднаш да активираат пакет на нови санкции.  Исто така, ги повикуваме и пријателските престолнини да продолжат да ги зајакнуваат одбранбените способности на нашата држава преку обезбедување оружје и воена опрема.

Од нашиот заеднички одговор сега не зависат само животите и безбедноста на украинските граѓани, туку и безбедноста на граѓаните на Европа и иднината на светскиот поредок.