Балкан
1. August 2017 - 9:11

ММФ: Патната инфраструктура во Албанија на ниско ниво

Меѓународниот монетарен фонд ја рангираше Албанија на претпоследно место кога станува збор за квалитетната инфраструктура, иако албанските граѓани плаќаат милјарди евра за јавни инвестиции, пишуваат албанските медиуми.

ММФ наведува дека за периодот 2005/2016 година албанската влада во просек годишно трошела по 5,5 отсто од БДП за јавни зафати, главно патишта, пристаништа и други инфраструктурни сегменти.

Тоа ја вбројува Албанија меѓу петте земји со највисоки капитални трошоци во последната деценија. Но оваа агресивна динамика на инвестици не придонела земјата да ја има потребната инфраструктура, соодветна на економијата.

- Според ММФ во група од 40 земји кои се земени за разгледување, Албанија е втора со најлоша инфраструктура, оставајќи ја зад себе единствено Руанда. Сите други економии, вклучувајќи ги Србија и Македонија имаат подобри патишта, железници, енергетска инфраструктура иако трошат помалку, јави тиранската телевизија Топ чанел.

Во врска со тоа каде лежи причината зошто милијардите платени од албанските граѓани не донеле подобрување на инфраструктурата, ММФ наведува дека тоа се поврзува со ефикасноста на инвестициите.

Во извештајот стои дека Албанија е дел од групата земји со ниска ефикасност на инвестициите, додека Светска банка оценува дека најмалку 30 отсто од потрошените фондови за јавни проекти се злоупотребени или како последица на корупција или застој во проектите.