Македонија
17. May 2021 - 16:46

Младите револтирано чекаат вакцини – Заев најавува дека половина граѓани ќе добијат вакцина до лето

Помладите треба да дадат предност на постарите зошто тие се во поголем ризик од вирусот. Вакво е образложението на премиерот откако термини за вакцинација деновиве добија само граѓаните над 40 години кои се пријавиле преку сајтот до 30 април. По разочарувањето на голем дел од младината зошто за нив нема вакцини, Заев изјави дека во јуни се очекуваат нови поголеми количини и најави дека тогаш сите полнолетни граѓани во земјава ќе имаат можност за имунизација. Тој очекува до летото да имаме 50 проценти вакцинирано население.

-Кога ќе имаме соодветни моменти ќе бидат објавени и термините за под 40 години за да можат да го планираат своето време. Јас знам зошто е прашањето, еден дел сакаат да одат на одмор или да ја напуштат државата, драго ми е што има флексибилни механизми, 2 вакцини, ПЦР не постар од 72 часа, присуство на антитела. Верувам дека ќе се изнајдат решенија и ќе може да се патува ова лето. Наша цел е да постигнеме околу 50 проценти вакцинирани до почетокот на летото, изјави премиерот Зоран Заев.

За македонските граѓани кои се вакцинираа со Астра Зенека во Србија се поизвесно е дека и втората доза ќе ја примаат таму откако и претседателот Вучиќ најави дека ќе има ново вакцинирање на луѓето од регионот, а од дуга страна оваа вакцина кај нас и понатаму е забранета за помлади од 60 години.