Свет
22. May 2020 - 17:56

Мјанмар: Две години затвор за уредник што објавил неточна вест за Ковид-19

Зав Је Хтет, главен уредник на мјанмарската новинска агенција Дае Пјав е осуден на две години затвор, откако се покажа дека веста на агенцијата дека едно лице починало од коронавирус не била точна.

Зав Jе Хтет е уапсен на 13 април, еден ден откако објавил напис во кој се наведува дека е евидентиран еден смртен случај од Ковид-19 во источната држава Карен. Се испостави дека веста не е вистина, пренесува Гардијан.

Адвокатот на новинарот изјави дека тој е осуден според член 505 на две години затвор.

Гардијан забележува дека станува збор за нејасно дефиниран закон, кој често се применува на новинари и активисти поради изјави „кои предизвикуваат страв или тревога“.

Во Мјанмар, потврдени се 199 заразени со новиот коронавирус и шест смртни случаи, но експертите стравуваат дека реалниот број е далеку поголем, бидејќи се тестирани мал број на луѓе.