Loading Video...
Свет
26. јуни 2022 - 16:32

Мистериозна смрт на 17 млади во ноќен клуб во Јужна Африка

Мистериозна смрт на 17 млади во ноќен клуб во Јужна Африка. Полицијата соопшти дека се истражуваат околностите под кои починале луѓето во клубот, додавајќи дека е рано да се утврди причината за смртта. Јужноафриканските власти соопштија дека жителите ја предупредиле полицијата дека нешто се случило во таверна во местото источен Лондон, а на непроверените слики објавени на социјалните мрежи се гледаат тела без видливи траги од повреди кои се наоѓаат на подот од клубот. Полицијата потврди дека се работи за лица на возраст од 18 до 20 години.

Доживотен затвор за британските возачи кои ќе направат сообраќајка со смртни последици. Измените на Законот за безбедност во сообраќајот стапуваат на сила задутре. Судиите ќе можат да изречат доживотна казна затвор за лицата кои предизвикуваат несреќи со смртни последици, како и доколку возеле под дејство на алкохол и дрога. Во моментов максималните казни за секое од овие кривични дела се 14 години затвор.

Најмалку пет лица се повредени денеска во Киев кога проектил погоди станбена зграда во централниот дел на градот, соопшти началникот на украинската полиција. Претходно денеска беше погодена и деветкатница. Украинските власти нагласија дека станува збор за руски ракетен напад, а градоначалникот на Киев, Кличко го опиша нападот како обид да се заплаши Украина во пресрет на самитот на НАТО. Се верува дека под урнатините на зградата има затрупани луѓе. Од таму спасени се седумгодишно девојче и неговата мајка.

Во Германија денеска почнува самитот на Г-7, а главна тема е војната во Украина и цената на нафтата. Лидерите на Групата седум најбогати демократии на тридневен самит во Германија ќе договараат нови санкции со цел да се зголеми притисокот врз Русија, чии акции во Украина создадоа недостиг на храна и енергија во светот. Се планира и ембарго на руското злато. Се размислува и за нови мерки за спречување на порастот на цените и за замена за руската нафта и гас. Џонсон и Макрон моменталната состојба ја оценија како критична и се согласија да обезбедат поголема поддршка за Украина.