Бизнис
7. July 2017 - 15:55

Мисајловски: СДС да престане да си игра со големите инфраструктурни проекти

СДС да престанат да си игра со големите инфраструктурни проекти од значење за државата и да продолжи со нивна реализација, повика на денешната прес-конференција Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Според него, еден месец откако СДСМ е на власт, граѓаните од нив гледаат само уривање, блокирање и уништување.

- Пред недела СДС ја проблематизираше изградбата на автопатот Кичево-Охрид, за сега да наоѓаат изговори и во изградба на експресниот пат Прилеп-Градско. ВМРО-ДПМНЕ потенцира да се фатат за работа и да го изградат автопатот кон Охрид и експресниот пат Прилеп-Градско, единствен проблем со кој се соочува изградбата на инфраструктурни проекти е неспособноста на СДС, рече Мисајловски.

Тој додаде дека големите инфраструктурни проекти, се проекти кај кои секаде во светот се јавуваат одредени пречки во текот на градбата, но оти тие се решаваат со работа и не се предизвици заради кои треба да запре изградбата.

- Проектите од сферата на инфраструктурата почнати од владата на ВМРО-ДПМНЕ се од витално значење за Република Македонија и не смеат да трпат застои или одложувања, сите тие пред да почнат со градба се добро подготвени со претходни анализи и мислења. Експресниот пат Прилеп-Градско е пат од огромно значење не само за жителите на Прилеп и Градско, туку и за целиот поширок регион на централна и јужна Македонија, кој ќе го забрза протокот на возилата и ќе придонесе за поголем економски развој и неговата реализација не смее да трпи заради неспособноста на СДС, истакна Мисајловски.