Свет
20. September 2015 - 12:49

Миса на папата Францис на „Плоштадот на Револуцијата“ во Хавана

Поглаварот на Католичката црква, папата Францис, кој од синоќа престојува во Куба, денеска ќе одржи масовна миса на „Плоштадот на Револуцијата“ во Хавана.

Големиот плоштад е познат по тоа што на него се одржани се сите настани поврзани со кубанската Револуција, сите паради и манифестации за величање на комунизмот, на кои зборувал поранешниот кубански лидер Фидел Кастро.

Во една прилика, на овој плоштад Кастро зборуваше повеќе од седум часови без прекин, што се смета за најдолг говор во историјата на ораторството, а во една од малкуте згради на плоштадот, како министер за надворешна трговија работел Ернесто Че Гевара.

Папата Францис е третиот поглавар на Католичката црлва кој ја посетува Куба, по Јован Павле Втори во 1998 и папата Бенедикт Шеснаесети во 2012 година, но тој е првиот папа кој потекнува од Латинска Америка.

Франциско е поранешен надбискуп од Буенос Ајрес и кардинал од Аргентина, па за денешната миса во Хавана во кубанскиот главен град допатува и аргенитнската претседателка Кристина Фернандез де Кирхнер.

Во текот на својата посета, папата ќе одржи католички миси и во Сантјаго де Куба, град на крајниот југ од островот, во близина на американската поморска база Гвантанамо, како и во Холгин, на југоистокот од Куба.

Папата Францис допатува синоќа во Хавана, каде беше пречекан од претседателот Раул Кастро.

Во изјавата дадена за домашната и странската јавност и во присуство на Кастро, папата се заложи за почитување на  верските слободи во Кува, давајќи им силна подршка на кубанските католици.

Францис ја поздрави обновата на дипломатските односи со САД, означувајќи го тоа како „пример за помирување во светот“. Куба ја истакнува како мошне значајна посредничката улога на папата и „тајната дипломатија“ на Ватикан во преговарањето меѓу двете земји, за обнова ма односите.

Илјадници луѓе се собраа на улиците на Хавана, од аеродромот до резиденцијата на ватиканскиот амбасадор, каде папата е отседнат за време на престојот во Куба. Властите претходно ослободија околу 3.500 затвореници и ги обновија дел од фасадите во Хавана. За мисата на „Плоштадот на Револуцијата“ е изграден и посебен олтар, а обновена и главната катедрала во кубанскиот главен град.

Во четвртокот, Ватикан изрази надеж дека САД ќе ја укинат 53 години долгата економска блокада на островот, а во петокот Вашингтон најави нови олеснувања за бизнисот и за патувањето кон Куба, во обид  да се унапреди обновата на односите меѓу двете соседни земји.

Папата Францис од Куба ќе замине во САД, во петдневна официјална посета. 

Ново на Сител