Loading Video...
Македонија
29. September 2015 - 16:42

Министерот за труд и социјална политика во посета на Липково

Жителите на општина Липково од денеска имаат два нови објекти детска градинка и дневен центар за лица со посебни потреби лоцирани во селото Оризаре. Детската градинка има капцитет да прими 60 деца, додека дневниот центар за деца со посебни потреби има капацитет за згрижување 20 деца.

 
Двата нови објекти ги исполнуваат сите стандарди. Министертвото за труд и социјална политика и Владата на РМ инвестираа во изградба на објектите во соработка со општина Липково. За двата објекти одвоени се  37 милиони денари.
 
На денешното свечено отварање на двата објекти присуствуваше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, министерот за локална самоуправа Лирим Шабани, градоначалникот на општина Липково, Садула Дураку, пратеници во Собранието на РМ од општините Куманово и Липково...
 
На овој начин, преку изградба на два модерни објекти, рече во обраќањето пред присутните министерот Спасов, им се излегува во пресрет на жителите на општината, безгрижно да ги извршуваат секојдневните обврски, знаејќи дека децата се сигурни и безбедни.
 
Тој истакна дека градинката и дневниот центар нудат современи услови и висококвалификуван кадар кој ќе се грижи за децата.
 
- МТСП посветува големо внимание на руралните општини. Во минатото граѓаните на општина Липково не можеле да замислат дека тука ќе имаат и градинка и дневен центар за деца со пречки во развојот, рече Спасов.
 
Додаде дека голем број рурални општини денес имаат и градинки и дневни центри и дека во таа насока ќе се продолжи и во иднина.
 
- Нашата идеја како Влада е да инвестираме во изградба на детски градинки и да ја прошириме мрежата на дневни центри за згрижување на деца со пречки во развојот и во руралните општини во нашата држава, ниту една општина да не остане без детска градинка и родителите кои живеат во руралните општини да имаат можности каде да ги сместат, каде да ги згрижат своите деца од предучилишна возраст или пак децата со пречки во развојот, изјави по пуштањето во употреба на двата објекти министерот Спасов.
 
Првичниот капцитет за градинката е 60 деца, додека дневниот центар за деца со пречки во развојот на почетокот ќе може да прими 20 деца, но, потенцира Спасов, има простор и за зголемување на капцитетот.
 
- Како Министерство и понатаму продолжуваме со конкретни активности за зголемување на бројот на  детски градинки ширум општините во РМ, со фокус на главниот град, меѓутоа, исто така и со особен фокус на руралните општини, ширум државата и со проширување на мрежата на дневни центри за згрижување на децата со пречки во развојот како поддршка за родителите на овие деца, меѓутоа и како центри во кои што ќе се развиваат способностите на децата со пречки во развојот, изјави министерот Спасов.
 
Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани дека отворањето на двата објекти, градинката и дневниот центар преставуваат значајни сегменти од процесот на децентрализацијата од социјалната сфера.
 
- Ние денеска, како Влада, во соработка со локалното ниво и со градоначалникот на општината, докажуваме јавно дека овие процеси ги привршуваме со конкретни проекти. Ние и натаму ќе продолжиме во други сфери на овој процес да инвестираме. Сакам во истовреме да се заблагодарам лично на министерот за труд и социјална политика, сегашниот и поранешниот и сите други кои придонесоа за успешно да ги завршиме овие проекти, изјави министерот Шабани.
 
Градоначалникот на Липково Садула Дураку во обраќањето пред присутните им се заблагодари на сегашниот министер за труд и социјална политика и на поранешниот министер за труд и социјална политика Џељал Бајрами за отворањето на двата значајни објекти за општината. Градоначалникот Дураку истакна дека двата објекти се мошне значајни за вработените жени од Липково кои ќе имаат можност безгрижно да ги остават своите деца во градинката или во дневниот центар. Тој воедно се заблагодари и на приватен донатор кој инвестирал во опрема на објектите.