Македонија
15. January 2020 - 13:11

Министерот Димитров се сретна со норвешкиот амбасадор Јелстад

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на  Норвешка во Република Македонија, со седиште во Белград, Јорн Јелстад.

На средбата, како што соопшти МНР, било изразено заемно задоволство од досегашниот развој на пријателските односи и соработка меѓу двете земји, при што министерот Димитров  се заблагодарил за континуираната поддршката од Норвешка за евроатлантската иднина на Македонија и реализацијата на нашата значајна стратешка цел – извесното членство во НАТО.

Димитров истакнал и дека од македонска страна високо се цени присуството и ангажманот на Норвешка не само кај нас, туку и во целиот регион, во контекст на неговото приближување кон европските стандарди и вредности.

Амбасадорот Јелстад ја реафирмирал поддршката на Норвешка за реализација на нашите стратешки приоритети, преку постигнување на неопходните стандарди во насока на интеграција на Македонија во НАТО и во Европската Унија, подвлекувајќи дека како и досега, ќе продолжат со билатералната поддршка на бројни проекти, коишто се тесно поврзани со ЕУ пристапниот процес.