Бизнис
27. November 2019 - 22:10

Министерката Апостолска: Владата цели кон унапредување на деловните релации меѓу домашните и странските компании

Со Планот за економски раст за прв пат се воведени конкретни мерки кои во својот фокус го опфаќаат проблемот како странските компании во земјава да развиваат деловни релации со домашните и да ги вклучуваат во нивните добавувачки ланци. На тој начин Владата цели кон унапредување на состојбите и надминување на ниските десет проценти учество на домашните компании во обврските кои ги имаат странските компании, рече министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска на бизнис форумот „Визија за поголема соработка помеѓу ДМСП и МНК во земјава“,  во рамки на панелот „Менторството како алатка за воспоставување на соработка? Искуства и научени лекции“, во организација на Институтот за економско истражување и политики „Фајнанс тинк“.

– Странските инвеститори во земјава се охрабруваат да развиваат деловни релации со домашните компании не само во делот на услугите, туку и во насока на нивно вклучување во производствените процеси. Финансиски директно се поддржуваат со еден процент од вредноста на вкупните набавки доколку 15 проценти од инпутите за производство ги набават од домашни компании. Ова е само едниот аспект на владините економски политики. Целокупниот пакет на мерки  подеднакво е насочен и кон зголемување на технолошките и производствените капацитети на домашните компании, тие се поддржуваат во усвојувањето нови технологии, искуства и знаења, да инвестираат во развојни центри.  Целта која сакаме да ја постигнеме е точката на нивно врзување да биде технологијата, знаењето и иновациите, а не само испорачувањето на услуги од типот на вода, исхрана, гас и слично, рече министерката Апостолска, информираат од владината прес-служба.

Како резултат на одлучноста на Владата за зајакнување на капацитетите на домашното стопанство, посочи Апостолкска, дека во дијалог со бизнис заедницата биле направени и измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со намера преку олабавување на условите и критериумите да се зголеми опфатот на компании кои се квалификуваат за финансиска поддршка.

Зборувајќи за значењето кое го има унапредувањето на капацитетите на домашното стопанство за соработка со странските компании во земјава од аспек на извозот, креирањето на нови и добро платени работни места за граѓаните, министерката Апостолска, информираат од владината прес-служба, истакнала дека со тоа што годинава согласно законот се потпишани 120 нови договори  и 51 анекс на договори за финансиска поддршка, споредено со 97  договори од 2018 година, деловната заедница ја препознава стимулативноста на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, што ветува дополнителни позитивни рефлексии во делот на надминувањето на расчекорот во соработката помеѓу домашните и странските компании.

Министерката Апостолска, се вели во соопштението, нагласила дека владините економски политики се концепирани и за зајакнување на капацитетите на домашните компании и во делот на пристап до квалификувана работна сила, што е значаен фактор во нивното доближување до потребите на странските компании.

– За надминување на расчекорот помеѓу образованието и потребите на стопанството, Владата реализира проекти во делот на т.н. дуално образование, во кои како активен елемент партиципираат и се повеќе странски компании. Се подигнува нивото на пракаса во програмите на средното стручно образовани, на учениците им се овозможува учење преку изведување на практична работа во компаниите. Системски се решава проблемот на расчекорот во делот на човечки капитал помеѓу домашните и странските компании, рече министерката Апостолска.

На панелот  учесвувале и Зоран Коруновски, инженер за развој на добавувачи во „Костал Македонија“, Трајан Ангелоски генерален директор на „Ариљеметал“ и Ѓорче Тодоровски генерален директор на „ТЕ-ТЕ Пласт“, кои изнеле свои видување за унапредување на соработката помеѓу домашните и странските компании.