Македонија
18. January 2016 - 23:57

Милошоски: Оваа влада е политички подадена рака кон опозицијата

Прв после мандатарот на владата која ќе ги организира изборите Емил Димитриев во собранието се обрати пратеникот Антонио Милошоски. Тој потсети дека ова е важен период за Република Македонија поради што оваа влада се наоѓа пред историска улога во независна Македонија бидејќи за прв пат се случува избор на ваква преодна влада.
 
-И за прв пат имаме парадокс – политичката партија која што бараше формирање на ваква преодна влада не е присутна во собранието. Но, тоа говори за кредибилноста на тие кои што имале такви политички барања, рече Милошоски.
 
За него преодната влада треба својата кредибилност да ја покаже со своето дејствување, работа во интерес на сите граѓани, работа со сите институции и поддршка на државната изборна комисија за најдобро можно спроведување на следните парламентарни избори во Република Македонија.
 
-Тоа што од наша страна е важно и преодната влада треба да продолжи да го прави е дека овој чин е политички подадена рака кон опозицијата, политички подадена рака кон сите оние кои што се сомневале од било кои причини во легитимитетот на ова собрание, за да можеме повторно да создадеме добри услови граѓаните да ја потврдат својата изборна волја, додаде тој.
 
Но и покрај тоа, тој мандатарот Димитриев го потсети дека доколку досегашните министри за внатрешни работи и труд и социјала не дојдат на време и не ги потпишат заклетвите кои што треба да ги потпишат како министри во владата на Република Македонија, тогаш нивната функција ќе ја извршува  Димитриев се додека секој министер не даде свечена заклетва дека ќе работи согласно уставот и законите на оваа држава.
 
Милошоски искажа убедување дека оваа влада ќе успее на соодветен начин да ја надмине и преброди оваа политичка криза која треба да заврши со мирни, чесни, демократски избори кои ќе бидат израз на волјата на народот на Република Македонија.