Македонија
3. February 2021 - 20:50

Милошоски: Никола Димитров ја избриша придавката „македонски“ од институциите

Денес пратеникот Антонијо Милошоски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ на собраниска седница истакна дека бришачот на придавката „македонски“ е токму Никола Димитров.

„Прво сакам да истакнам една работа на која што македонската јавност сведочи изминативе десет дена. А, тоа беше дека Комисијата, мешовитата историска Комисија помеѓу Македонија и Бугарија постигнала технички напредок во однос на користењето на термините согласно Законот и Уставот во Република Македонија. Што значи тоа? Тоа значи дека после подолго време и спорење на морална претпоставувам лична и историска основа и кредибилитет на членовите на историската Комисија, на крајот истите беа принудени да се откажат од терминот македонска историска Комисија, токму заради тоа што господинот Никола Димитров им го овозможи тоа на сите страни кои што тоа ќе го побараат, не само на бугарската, преку уставниот Закон за спроведување на амандманите, усвоен на 11 јануари 2019-тата година“, рече Милошоски.

Милошоски додаде дека сега се прашуваат зошто тогаш за овој уставен Закон и амандманите, претставник на владата не беше тогашната министерка за правда и професор по Уставно право, Рената Дескоска, после ваквите настани се ќе стане јасно. И таа како професор и покрај политичката афилијација имала одредена линија до каде може да оди, до каде нејзиниот професорски интегритет ќе го поднесе поврзувањето на правото на една држава, на еден народ, на една нација да си ја користи придавката и да не ја забранувам, да нема рестриктивен однос кон својата придавка. 

„Бришачот, тој кој што ја избриша придавката „македонски“ од институциите, кон институциите, и од институциите кон други држави е Никола Димитров“, нагласи Милошоски.

Милошоски посочи дека поради тоа има морална дилема дали членовите од мешовитата историска Комисија имале лично, морално или вакво –такво право или интегритет, и понатаму да опстојуваат на терминот македонска Комисија, но уставно-правно Никола Димитров тоа им го оневозможи. 

„Член 2 став 4 од уставниот Закон за спроведување на амандманите од јануари 2019-та година во кој што пишува – „Од денот на влегување на сила на амандманот  33, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции е во согласност со името на државата“. Значи нема придавка „македонски“. Нема македонска Комисија ако е таа орган, ако е таа институција, ако е таа дел од државната управа која што треба да спроведува нечие право“, појасни Милошоски.

Милошоски рече дека кога некој ќе оспори или нема да смеете да кажете дека сте македонска делегација, да се знае дека тоа е Тројанскиот подарок од Никола Димитров.

 

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ