Македонија
1. December 2019 - 17:05

Милевски: Маските ќе паднат, ќе видиме кој се бори за правдата во државата

Неделава што следи маските ќе паднат кај сите бидејќи конечно ќе видиме кој е оној во оваа држава што се бори за правдата и кои се оние мрачни сили кои сакаат да ја држат Македонија и да има привилегирани луѓе за кои законот нема да важи односно ќе ги штити криминалците, изјави денеска лидерот на ЛДП Горан Милевски.

Доколку не помине автентичното толкување за Законот за помилување предложен од владејачката СДСМ а кое е поврзано со враќање во игра на амнестиите за функционери на поранешната Влада од страна на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Милевски вели дека за него ќе се доведе во прашање и владината коалиција.

-Јас ја доведувам во прашање и владината коалиција како таква ако не помине ова во Собранието, а исто така ова е една голема можност за ВМРО-ДПМНЕ да каже дали ќе продолжи по патот на заштита на криминалците или навистина ќе се огради од нив и навистина ќе го поддржи предлогот на министерката Дескоска за автентично толкување на овој закон, рече Милевски по денешната меѓународна конференција „Процесот за пристапување во ЕУ – Што понатаму?“, која се одржа во организација на Либерално-демократската партија (ЛДП) и Европската Алијанса на либерали и демократи (АЛДЕ).

Собранието, како што истакна тој, мора да донесе одлука за автентично толкување на законот.

– Доколку не се собере мнозинство за измена тогаш се поставува прашање зошто таа Влада да постои како таква, коалициона, кога сите коалициски партнери не сакаат и немаат иста идеја како нас да се соочиме и да се справиме со криминалот во државата бидејќи ние на власт дојдовме дека ќе го решиме токму криминалот што произлегуваше од бомбите што премиерот Заев ги изнесе во јавноста, рече Милевски.

На коференцијата што ја организираа ЛДП и АЛДЕ присуствуваа и се обратија и известувачот за Македонија во ЕП, кој овде беше во својство на претставник на АЛДЕ Илхан Ќучук, како и поранешниот министер за финансии на Словенија Роман Јакиќ, независната пратеничка Ивана Туфекчиќ и други.

Милевски и овој пат потенцира дека единствена шанса и алтернатива за Македонија е евроатланскиот пат.

-Апелираме до сите партии наместо секојдневно да се препукуваат со прес-конференции за теми и кои не се толку значајни за граѓаните, сите да се насочиме на теми за НАТО и ЕУ перспективата за Македонија и сето она што е од суштинско значење за подобрување на животот на граѓаните. Да престанеме да ја трошиме енергијата на неважни и кавгаџиски теми, а тоа особено важи за двете поголеми партии. Инаку, ние како партија очекуваме дома да си ги средиме работите, пред да добиеме датум за преговори, рече претседателот на ЛДП.