Свет
19. November 2021 - 9:16

Мигрантите ги напуштаат камповите на полско-белоруската граница, дел почнаа да се враќаат во Ирак

Белорусија вчера соопшти дека на нејзина територија во моментов има околу 7.000 мигранти, од кои повеќе од 2.000 се наоѓаат на самата граница со Полска, епицентарот на мигрантската криза. Но, оттаму, јавуваат белоруските медиуми, од вчера и официјално почна процесот на репатријација на бегалците во нивните матични земји, а најмногу во Ирак.

Со лет на авиокомпанијата „Ирак ервејс“ неколку стотини Ирачани вчера се вратија во својата татковина, што беше прв лет за враќање на мигрантите од почетокот на полско-белоруската гранична криза. Во авионот Боинг 747 имало вкупно 431 лице, изјави портпаролот на владата на автономниот регион Курдистан, од каде што потекнуваат многумина од вратените Ирачани.

Ирачката влада соопшти дека репатријацијата била доброволна, а истото го соопшти и владата во Минск.

Додека се одвива овој тензичен процес на изнаоѓање решение на моменталната криза на полско-белоруската граница, полскиот премиер Матеуш Моравјецки предупреди дека милиони мигранти ќе влезат во Европа доколку политиката за заштита на границите остане слаба како што беше досега.

Тој кажа дека со оглед на развојот на настаните на полско-белоруската граница, не ја исклучува ни опасноста од војна.

– Ако не успееме да спречиме влез на илјадници мигранти сега, наскоро ќе има илјадници и милиони од нив кои ќе се упатат кон Европа, изјави Моравјецки за германски „Билд“.

„Доколку решително не ги браниме и заштитиме границите во Европа, стотици милиони луѓе од Африка и Блискиот Исток ќе се обидат да дојдат во Европа, а особено во Германија“, додаде тој.

И земјите од Г7 вчера ја повикаа Белорусија веднаш да стави крај на мигрантската криза на границите на Европската унија, обвинувајќи ја дека се обидува да го „одвлече вниманието“ од кршењето на меѓународното право и човековите права од страна на властите во Минск.

Во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција, САД, Канада, Германија, Италија, Јапонија и Европската унија се осудува „оркестрацијата на илегалната имиграција што ја спроведува белорускиот режим преку своите граници“.

Изразувајќи „солидарност“ со Полска, Литванија и Летонија, земјите од Г7 побараа од Белорусија да одобри испорака на хуманитарна помош до меѓународните организации.

Германските власти вчера ја демантираа информацијата на кабинетот на Лукашенко дека се преговара со него за решение на кризата.

– Германија не постигна никаков договор со белорускиот претседател Александар Лукашенко за решавање на мигрантската криза на полско-белоруската граница, изјави неименуван извор од германската Влада, откако медиумите наведоа дека лидерите на двете земји постигнале договор.

„Ситуацијата на границата е европски проблем во кој Германија не дејствува сама“, додаде изворот, пренесен од британските медиуми.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер од своја страна, за време на посетата на Варшава изјави дека веднаш ја повикал Ангела Меркел да и ја пренесе веста дека сите мигранти ги напуштиле двата кампа во близина на границата меѓу Белорусија и Полска, јави денеска белоруската новинска агенција Белта.

Според агенцијата, зад мигрантите останале шатори, фрлена облека и запалени огнови.

Известувач на агенцијата Тас јави дека повеќе од 500 мигранти го напуштиле импровизираниот камп недалеку од транспортно-логистичкиот центар Брузги, а дека останале 300 до 400 од вкупно 2.000 што дошле пред 11 дена.

Белоруски граничари во групи од 70 до 100 луѓе ги придружувале до транспортно-логистичкиот центар, оддалечен 1,5 километар од границата.

На границата на Белорусија со Полска и со балтичките земји од летово е зголемен приливот на мигранти од Блискиот Исток и Африка, кои се обидуваат да влезат во Западна Европа.