Балкан
28. July 2017 - 12:24

Мицотакис ја обвини Владата на Ципрас дека ја толерира „Рубикон“

Лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис денеска ја обвини левичарската Влада на премиерот Алексис Ципрас дека „политички ја покрива“ анархистичката група „Рубикон“ и додаде дека неговата партија ќе побара писмено објаснување од претседателот на Парламентот, Никос Вуцис за инцидентот во средата.

- „Рубикон“ е истата група која маршира низ Егзархија со калашникови. Ние не можеме да бидеме рамнодушни и претседателот на Парламентот не може само да ја сврти главата на друга страна, изјави денеска Мицотакис за радиото „Скај“.

Тој нагласи дека ќе побара писмено објаснување за тоа што се случило.

- Постои толеранција на бесрамни анархистички групи кои ја презедоа Егзархија, рече Мицотакис.

Десетина членови на анархистичката група „Рубикон“ во средата го пробија обезбедувањето на зградата на грчкиот Парламент и влегоа во дворот на објектот. Демонстрантите расфрлаа летоци и извикуваа анти-владини слогани, по што полицијата ги протера од објектот.