Македонија
30. July 2019 - 16:39

Мицкоски утре на средба со Орбан во Будимпешта

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска и утре ќе отпатува во работна посета на Австрија и Унгарија.

Како што соопшти Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, при краткиот престој во австрискиот главен град Виена, Мицкоски ќе има средба од научен карактер, размена на искуства и информации поврзана со неговата професорска дејност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во Будимпешта, пак, Мицкоски и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски ќе се сретнат со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– На средбата се очекува да се разговара за прашања поврзани со актуелната политичка и економска состојба во Република Македонија, како и размена на информации на ниво на сестринските партии за правците на понатамошно делување во пресрет на претстојниот Конгрес на Европската народна партија и изборот на новото раководство, се наведува во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ најавува и дека на 2 август – Илинден, Мицкоски ќе се обрати на народниот собир во струшкото село Ташмаруниште, додека Николоски ќе ја предводи партиската делегација на прославата на Мечкин Камен во Крушево. Во исто време, партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ ќе положи свежо цвеќе и на народниот собир и прослава на Пелинце.