Македонија
8. December 2021 - 9:18

Мицкоски: Св. Климент Охридски е длабоко врежан во македонската историска меморија

Дозволете ми во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните на Република Македонија да им го честитам  8-ми Декември денот кога го чествуваме големиот просветител Свети Климент Охридски.

Денес го славиме ликот и делото на светиот Климент Охридски, патронот на Македонската православна црква, големиот словенски просветител, книжевник, учител, првиот словенски епископ и основач на големата Охридска книжевна школа која преставува првиот своевиден словенски универзитет. Светиот Климент Охридски е длабоко врежан во македонската историска меморија, но и човек кој со своето цивилизациско дело, кириличната азбука, се запишал со златни букви во словенскиот свет, но и во европската и светска духовна и културна ризница.

Тој е еден од најголемите и најдостојните ученици на светите Кирил и Методиј кој целиот свој живот го посветил на продолжувањето и ширењето на нивната работа. Како верен и доследен ученик на словенските просветители поминал макотрпен пат исполнет со премрежија и прогони, пат кој го издигна во еден од најголемите просветители. Неговото дело како факел носеше светлина за целиот словенски род.

Македонија е особено горда на неспорниот факт дека просветителскиот бран кој го понесе светиот Климент Охридски почна од Охрид, од Македонија и преку бројните преведени книги и учители кои произлегле од Охридската школа, се проширил во светот.

Вечен нека е споменот за свети Климент Охридски и неговото дело.

Вечен и честит нека е празникот.

Вечна нека е Македонија!

 

проф. д-р Христијан Мицкоски

Претседател на ВМРО-ДПМНЕ