Македонија
21. November 2021 - 13:01

Мицкоски не очекува Заев да поднесе оставка: Многу пати не го исполнил тоа што го рекол

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не очекува премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, да поднесе оставка на функцијата, затоа што како што рече, Заев многупати во минатото не го исполнил тоа што го рекол.

Кога станува збор за тоа кој би можел да го наследи Заев од лидерската функција во СДСМ и би бил нов мандатар, Мицкоски денеска од Охрид пред медиумите рече дека не е негово да се меша во внатрешните работи на противничката партија, оти во СДСМ сами ќе си донесат одлука како понатаму и со кои кадровски решенија.

– Ние сме фокусирани да создадеме нова иднина, да не биде тоа само пишано слово на хартија, туку навистина да испорачаме. Триесет години преку глава на граѓаните им е од криминал, наместени тендери, корупција…Тие навистина сакаат да видат засукани ракави и работа, рече тој.

На прашањето на новинарите дали очекува промени во позициите на властите во Софија после изборите, Мицкоски јавно апелира до новата влада во соседна Бугарија да ги заборави хегемонистичките барања на нивните претходници и во духот на европските вредности да не ја блокираат државава во почетокот на преговорите со ЕУ, бидејќи, како што рече, државава и народот го заслужуваат тоа.