Македонија
18. July 2024 - 16:38

Мицкоски на самитот на Европската политичка заедница - Средби со Зеленски и Орбан

Македонија дава недвосмислена поддршка на Украина. Ова е пораката што премиерот Мицкоски му ја дал на украинскиот претседател Зеленски на средбата што двајцата лидери ја имаа на маргините на состанокот на Европската политичка заедница во Оксфорд, Лондон.

Поддршката следува откако пред една недела Македонија не можеше да биде потписничка на т.н. „украински пакт“ кој беше усогласен на НАТО самитот во Вашингтон бидејќи немаме билатерални воени договори со Киев.

„На средбата ја потенцирав недвосмислената поддршка на Македонија кон Украина и украинскиот народ и посочив дека и во иднина можат да сметаат на нашето пријателство. Македонија и македонскиот народ се хумана нација и сочувствуваат во овие тешки историски предизвици и несогледливи последици“, објави Мицкоски на Фејсбук.

Украина беше и главната политичка тема на состанок на европските лидери иако за неа разговараа и пред една недела во Вашингтон. Поради тоа освен на овој Самит беше просутен и генералниот секретар на НАТО – Столтенберг. 

„Се согласивме да воспоставиме команда за координација и обезбедување безбедносна помош и обука за Украина и мило ми е што денеска можам да објавам дека командата ќе биде оперативна во септември. Се работи за персонал од 700 луѓе во Германија со генерал со три ѕвезди како командант и ќе обезбеди поддршка и безбедносна помош за Украина и ќе ги координира напорите над сојузниците во НАТО“, изјави Столтенберг.

„Да изгубиме човечки животи е најскапоценото нешто што можеме да го изгубиме. И тоа го правиме секој ден. Илјадници и илјадници. Мораме да го запреме. Тоа го кажуваме како соседна држава, ова е мое мислење. Решението не е на бојното поле. Решението е на преговарачка маса. Прекин на огнот, преговори!“, изјави Орбан.

Средба токму со унгарскиот премиер имаше и Мицкоски. 

„Разговаравме за евроинтеграцискиот пат на Македонија и идните чекори на Унгарија како претседавач со Европската Унија. Добрите билатерални односи помеѓу двете земји ќе продолжат во насока на зајакнување на полето на економијата и енергетиката“, напиша тој.

Она што можеби е поважна тема за регионот која беше отворена на состанокот е енергетското поврзување на Западен Балкан и енергетска независност на Европа. Токму на оваа тема разговарал и Мицкоски со своите хрватски, црногрски и босански колеги.

Мицкоски имал разговори и со српскиот претседател Вучиќ, кој објави дека наскоро ќе има средба за билатералните прашања, како и со британскиот државен секретар за надворешни работи Лами за поблиска соработка за земјите од Европа за безбедносни и енергетски прашања. 

Иако и на овој состанок на лидерите беа присутни грчкиот премиер Мицотакис и бугарскиот претседател Радев, тие овој пат не ја отворија темата за нивните за забелешки за Македонија. Мицотакис е преокупиран со кипарското прашање, додека пак Радев со неуспешните обиди за формирање на влада. Сепак, Мицотакис и Радев се сретнаа со Вучиќ на тема европска интеграција. 

Европската политичка заедница беше формирана пред две години на инцијатива на францускиот претседател Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, пост Брегзит и заглавени преговори за зачленување на Македонија во ЕУ.  На овие состаноци присуствуваат 47 европски лидери од државите членки на ЕУ и други европски држави, кои два пати годишно се сретнуваат за регионални теми.

Овој пат седиштето на Самитот е во Лондон, во дворецот Бленхајм – родното место на Черчил.

Во Оксфорд не дојде турскиот претседател Ердоган, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која го очекуваше гласањето за нејзиниот реизбор во Стразбур.