Мицкоски: Имам чувство дека состојбата во Украина ќе ја зголеми цената на струјата на берзите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека претстојната зима ќе биде предизвикувачка во делот на енергетиката затоа што очекува зголемување на цената на електричната енергија на берзите во Европа поради случувањата во Украина. Вели дека како држава сме подготвени и дека ќе одговориме на сите предизвици.
- Имам чувство дека оваа зима ќе биде прилично предизвикувачка не поради температурите, туку поради состојбата што се случува во Украина каде комплетно е уништен електроенергетскиот систем и Украина влече енергија од Европа што значи дека тоа ќе ја зголеми цената на електричната енергија на берзите во Европа и ќе ја намали количината, така што ние мораме да бидеме подготвени, нагласи Мицкоски, додавајќи дека очекува енергетска криза во одредена смисла во Европа.
Мицкоски уверува дека работњето во АД ЕСМ е нормализирано иако компанијата наследила долг од пет милијарди денари и најави дека многу скоро ќе има одговорност за оние што ја оставиле компанијата во таква состојба.
- Бидете сигурни дека е нормализирано работењето на компанијата и ќе има одговорност за тоа што се случувало, но од тоа нема да правиме естрада и театар. Многу скоро од денеска ќе бидат посочени лицата кои се виновни за состојбата во која е оставена компанијата, рече Мицкоски.
Според информациите со кои располага, рече дека долгот за увоз на јаглен е околу милијарда ипол и дека по направените преговори со компаниите добиено е намалување на факурите отприлика од пет милиони евра, додека по основ на ископ на јаловина и јаглен затекнати се долгови од две милијарди денари. Хидрологијата, како што посочи, е речиси празна односно некаде на 24-25 проценти, а не се направени ниту редовните ремонти.
Во однос на изјавата на претседателката на Организација на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска дека имале високи очекувања, но дека во првите 100 дена од работата на Владата не е ништо направено, премиерот рече дека бил изненаден од ваквата изјава.
- И јас се изненадив и се јавив на некои од бизнисмените и коморите и тие имаат спротивен став. Добро е да ги прашате стопанските комори да ви дадат став, а и добро е да прашате и зошто претседателката на ОРМ имаше таква позиција без да консултира никого од работодавачите, рече Мицкоски.
Претседателката на ОРМ во вторникот изјави дека очекувале Владата да има сенс за нивните проблеми со кои се соочуваат во текот на работењето како што се зголемување на продуктивноста, немањето работна сила и инфраструктурата.
- Она што очекувавме беа многу високи очекувања, но не добивме речиси ништо. Очекувавме дека оваа Влада ќе има сенс за бизнисот, за сите оние кризи со кои се соочуваме, меѓутоа она што се зборуваше во изминатиот период беше само зголемување на платите на јавната администрација, земање на кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и немањето на работна сила што значи со еден збор ништо, изјави Трајкоска.
Ново на Сител
-
Ново судење за убиствата на Вања и Панче
-
Загадениот воздух ја полни клиниката за пулмологија
-
Граѓаните спас од загадениот воздух бараат и кај народниот правобранител
-
Брзото возење главна причина за сообраќајните несреќи во Југоистокот
-
Преглед на вестите од светот
-
Македонија и ЕУ со безбедносно партнерство
-
Тема на денот со Трајан Ангелоски, претседател на ССК
-
Клуч на врата за неколку институти во земјата