Македонија
28. February 2018 - 18:17

Мицевски до Шилегов: Граѓаните на Сопиште немаат метро, но имаат чест, достоинство и крената глава

Ја слушам новата изјава на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и искрено имам помешани чувства, човек не знае дали повеќе да го жали или да се смее. Ова го истакна денес Јане Мицевски, Претседател на Советот на општина Сопиште од ВМРО-ДПМНЕ, преку својот Фејсбук профил.

Во продолжение следува неговиот статус:

Овие зборови доаѓаат од човекот чиј што единствен проект досега е пуштањето во употреба на обична автобуска станица, и кој што речиси половина од мандатот го потроши на шетање низ регионот и Европа.

Околу споменикот посветен на Ќосето, барем да почекаше да измине некој ден повеќе, со цел да не го сруши претходниот рекорд на најбрзо менување на сопствените ставови. Пред само неколку дена тој излезе во јавност и соопшти дека спомен обележјето на Ќосето му припаѓа на донаторот и тој може да го подигне за што ќе има рок од 2 недели. Врз основа на таа негова изјава советот на општина Сопиште донесе одлука да побара од донаторот да дозволи истиот да се постави на локација во општина Сопиште, бидејќи граѓаните на Сопиште, за разлика од кусогледоста и несебеспознаеноста на Шилегов, ќе им биде чест и достоинство да имаат спомен обележје посветен на македонскиот револуционер и херој Андон Ќосето, за чие поставување општината повторувам, нема да има никаков финансиски товар.

Денес Шилегов излегува и го тврди сосема спротивното, дека споменикот има можност да не се подигне бидејќи наводно спорно било плаќањето, односно Шилегов толкува и навлегува во должничко доверителски и сопственички односи на ствар врз која нема повеќе ингеренции.

Оттука за да не ја замајува јавноста, во часовите кога е на работното место во градот Скопје(иако велат тоа време е кусо), и во перидот кога е во можност и состојба да одговори го повикувам нека излезе и расчисти неколку дилеми:
Што ви е крајната цел, сакате да го стопите споменикот, за да до крај бидете комплетен талибанец или навистина сакате да најдете решение за споменикот кое ви го нудиме?

Свесни ли сте за навредата на граѓаните на општина Сопиште, каде иако нема метро, има изградено многу повеќе(со неспоредливо помал буџет) од една автобуска станица каква што вие имате направено за 4 месеци мандат?
Која е вистинската причина поради која го опструирате процесот на ставање на спомен обележјето и не секате да биде подигнат во општина за која за среќа немате надлежност, дали тоа не го правите затоа што несакате да се соочите со сопствениот срам, и морална ерозија во која се подлабоко заглавувате?

Граѓаните на Сопиште немаат метро , но имаат чест, достоинство и крената глава, каква вие немате ниту сега, ниту ќе имате до крајот на вашиот живот!