Бизнис
7. March 2016 - 14:12

Металургискиот сектор бара поддршка од државата

Поддршка од државата преку времено ослободување на компаниите од ДДВ и од други финансиски обврски, бара металургискиот сектор.

Како што беше речено денеска во Стопанската комора, челичната индустрија се соочува со големи, сериозни проблеми. Од крајот на 2008 година до денес ниту еден комбинат не работи со полн капацитет, производството е дисконтинуирано, пласманот и учеството на извозот се намалени, a нарачки нема.

Според Здружението на металурзи при Комората, треба да се следи примерот на Словачка, која за оваа цел донесе посебна владина програма и посебен пакет финансиска поддршка.

Излезни решенија треба да се бараат и во примената на нови технологии, нови инвестициски зафати и нови активности за рационализација на трошковната структура.

- Металургискиот сектор е сериозно погоден. Во нормални земји, вакви ситуациии се предмет на сериозни анализи на надлежните органи и изнаоѓање начини за помош барем додека состојбите не бидат надминати. Работиме на технолошки минимум, со мал процент на искористување на капацитетот што повлекува високи трошоци, додека многу честото кампањско производство за овој бизнис е погубно, рече претседателот на Здружението Митко Кочовски и додаде дека нема драстични промени од лани, кога состојбата во секторот беше катастрофално лоша.

Фени на крајот на годината го запре производството на едната печка, а со другата работеше на технолошки минумум, Југохром запре со производството, сега ќе почне со две од седум печки, Бучим, заради одредени специфики, остана да работи но, по цена на загуби, Макстил работи со нецелосен капацитет, во Арчерол Митал состојбите се за нијанса подобри, има континуирано производство, но далеку под инсталираните капацитетни можности,..., а и леарниците забележуваат помал обем на работа.

- Направивме истражување за ефектите (директни и индиректни) од работењето во сите сегменти, го промовиравме, но, за жал, не бевме удостоени од надлежните институции. Сега доаѓаат некои мешовити тимови од кај вицепремиерот за економски прашања, но ништо поконкретно не сме почувствувале во делот на некакви системски решенија кои би ни помогнале да ги надминеме барем овие кризни состојби. За тоа бараме помош, зашто кога ќе работиме во нормални пазарни услови не можеме на никого да ги адресираме нашите специфични проблеми, посочи Кочовски.

Македонија, додаде, е единствен пример на земја каде што се воведува дополнителен трошок, т.н. зелена енергија која драстично ја зголемува цената на електричната енергија, каде што се плаќа акциза за користење на петрол-коксот и каде што цената на железничкиот транспорт е се уште висока, односно е поскапа за четири евра по тон од камионскиот транспорт што е апсурдно. Наметнатите еколошките регулативи, пак, потенцира Кочовски, покажаа дека металургијата не е најголемиот загадувач особено не во овој период зашто не работи со полни капацитети, а дополнителен проблем се и фиксните трошоци за задржувањето на дефицитарните кадри кои компанијата веќе ги обучила и оспособила.

Претседателот на Здружението на металурзи на Македонија, професорот Свето Цветковски, укажа и на други примери кои имаат добри решенија за поддршка на челичната индустрија - Кина, Индија, Австралија. Некои од нив, рече, добивајќи поддршка за работа, го складираат поризводството и кога цената на светскиот пазар ќе се зголеми, тогаш го пласираат.

Негова проценка е дека годинава ќе биде за нијанса подобра од лани, а првите добри знаци се очекуваат во 2017 година.

Цветковски на прес-конференцијата го најави претстојниот 7. меѓународен конгрес на металурзи кој ќе се одржи во Охрид, од 9 до 12 јуни годинава.