Свет
14. April 2016 - 15:24

Меркел не се плаши од распад на владејачката коалиција

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска на прес-конференција во Берлин изрази уверување дека владината коалицијата ќе продолжи да функционира, а со оглед и на рејтинзите и да владее со Германија во иднина, јави дописникот на МИА од Берлин.

Иако во редовите на владината коалиција, и од Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и од сестринската партија на нејзината Христијанско демократска унија (ЦДУ), баварската Христијанско социјална унија (ЦСУ), имаше остри несогласувања со начинот на кој федералната Влада се справува со бегалците, Меркел е уверена дека и покрај пречките трите партии ќе продолжат со соработката. 

- Немам никакви сомнежи дека ќе ја продолжиме соработката, одговори денеска Меркел на прашање дали коалицијата ќе продолжи да функционира.

Според неа, заедничката агенда на членките на коалицијата е јасна, а во нејзиното имлементирање се направени сериозни чекори.

Во исот време, лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер, кој досега беше најголем критичар на политиката кон бегалците, изјави дека нема проблем да соработува и во иднина со канцеларката.

Зехофер потврди дека неговата партија планира да биде дел од коалицијата со ЦДУ во пресрет на федералните парламентарни избори закажани за втората половина на 2017 година.