Меркел и нејзиниот поглед на светот
Дојче веле
Крајот на мандатот на Ангела Меркел наближува. Што направи, што уште сака да постигне како канцеларка и што остава во наследство?
Честопати ѝ предвидуваа предвремено заминување, пред сѐ кога се нишаше коалицијата со СПД. Но, Ангела Меркел е канцеларка и по 14 години на функцијата. И, сака да продолжи сѐ до завршување на овој легислативен период. Од јавноста има поддршка: и покрај сите критики на сметка на работата на големата каолиција, големо мнозинство граѓани сакаат Меркел да остане канцеларка до 2021 година.
„Ме знаете“, гласи реченицата со која Меркел бараше доверба уште во кампањата за изборите во 2013 година. Тоа значи: можете да се потпрете на мене, односно – со мене знаете на што сте. Реченицата покажа и колку Меркел лично беше во средиштето на политичката дебата, колку кампањите беа скроени тесно според нејзината личност.
Драматични промени
Германија и светот одамна не се она што беа во 2005 година, кога Меркел првпат беше избрана за канцеларка. Политиката во Германија е поларизирана како што не била со децении претходно. Во сите покраински парламенти деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД) има свои претставници, на истокот на земјата партијата е често втора по јачина, а во Бундестагот е најсилна опозициска партија. Старите народни партии, како што е Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Меркел, а уште повеќе Социјалдемократската партија (СПД), имаат загубено многу од поддршката.
Биографот на Меркел, Ралф Болман, вели дека оттогаш канцеларката гледа „многу сериозна криза на западните демократии“. Целта на Меркел во последните месеци од мандатот, според Болман, е „Германија, и колку што е во нејзина моќ и Европа и светот, да не ги остави во хаос“.
Меркел никогаш не беше голема визионерка. Многу е еклатантна разликата со францускиот претседател Емануел Макрон. По низа ЕУ-реформски предлози, кои повеќе или помалку „се одбија“ од Меркел, тој неодамна ја разбуричка дебатата со својот коментар за „мозочно мртов“ НАТО.
Зад кулисите многумина од партијата на Меркел посакуваат таа барем малку да се зарази од желбата на Макрон за лидерство и наместо постојано да ги „пегла“ кризите, да става германски акцент.
Помеѓу омразена фигура и спасителка на Западот
Сепак, Ангела Меркел промени некои работи, веќе со самото тоа што направи кариера како жена во една патријархална партија. До денес одбива да ја нарекуваат „феминистка“. „Не сакам да се китам со лажни ловорики“, изјави во едно интервју за неделникот „Цајт“. Уделот на жените во Бундестагот за време не нејзиното владеење дури и значително опадна – од 42 на 31 процент.
Кога Ангела Меркел изрекува реченици како „Квотите се важни, но целта мора да биде паритетност“, премолчува дека таа ги блокира барањата од нејзината партија за квоти за застапеност на жените во парламентот. Од друга страна, таа целно поддржува други жени – Анегрет Крамп-Каренбауер, која треба да биде нејзина наследничка, актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, или министерката за земјоделство Јулија Клекнер.
Реченицата „Ме знаете“ сугерира и константност. Но, таа всушност одлучува фелксибилно, пред сѐ „прагматично, зависно од политичките констелации“, како што вели нејзиниот биограф Болман. Како физичарка веруваше во нуклеарната енергија, а по втората тешка атомска несреќа во Фукушима, донесе одлука за напуштање на нуклеарната енергија. Дозволи отворање на бракот како институција за хомосексуалните двојки и покрај тоа што имала „лошо чувство во стомакот“. И, во нејзиниот мандат е укината воената обврска.
Но, ништо не беше и до денес не е толку контроверзно како одлуката на Меркел во 2015 да ја отвори границата на Германија за стотици илјади бегалци. Притоа, го остави парламентот настрана. АфД не испушта прилика да ја гаѓа поради тоа. Кога имаше насилство извршено од страна на бегалци, АфД велеше дека се тоа „Меркелини мртовци“. За едни стана омразена фигура, за други – спасителка на западниот свет. Магазинот „Тајм“ на крајот на 2015 година ја избра за Личност на годината, додека десничарските демонстранти во нејзината земја држеа плакати со барања „Меркел мора да си замине“.
Исчезнува довербата во политичкиот систем
При сета поларизација, Меркел сѐ уште е најомилената политичарка во Германија, честопати дури е и осамена на врвот. Крамп-Каренбауер е далеку зад неа во анкетите.
Но, Меркел е свесна за контроверзите на својата политика. Пред последните парламентарни избори таа остави простор да се насети дека се мислела дали да се кандидира уште еднаш за канцелар. Во меѓувреме, ретко е присутна во кампањите, сѐ поретко е видлива во дневната политика, апсолвира само термини во странство.
Пратеникот на Зелените, Јирген Тритин, смета дека Меркел има силен европски фокус. „Таа концентрира сѐ на германското претседателство со ЕУ“ во втората половина од 2020 година, вели Тритин. Политичари во ЦДУ чиј фокус е надворешната политика, како Родерих Кизеветер, велат дека недостига јасна надворешнополитичка линија. „Таа нема национална стратегија која ќе ги отсликува транспарентно германските интереси, силните страни, но и слабостите“, смета Кизеветр и додава: „И, Германија мора да покаже како да се стабилизираат партнерите на југ, во Украина, но и на Блискиот Исток“.
Истражувањето на институтот Аленсбах есенва покажа дека довербата во политиката се намалува и во Германија. Само 57% од испитаниците сметаат дека стабилноста е силна страна на Германија. Во 2015 година тој процент беше 81.
Сликата на Меркел за себе и сликата на другите за неа
Што ќе остане како наследство од ерата Меркел? Болман верува дека канцеларката со драго срце би се гледала себеси како „жена која релативно сигурно ја водела земјата низ многу кризи – финансиската криза, кризата во Украина, бегалската криза и која обезбедила одредена стабилност на системот, а покрај тоа ги направила земјата и партијата полиберални, поотворени, но по цена сега во Бундестагот да имаме деснопопулистичка партија, која е отелотворение на опозиција против ваквата форма на промена на вредностите“.
Ангела Меркел веќе нема многу време за спроведување идеи и делување, а со своето повлекување од дневната политика чекор по чекор таа дава на знаење дека веќе не сака да многу да направи барем на внатрешнополитичката сцена. Наместо тоа, канцеларката тоа поле ѝ го препушта сѐ повеќе на Крамп-Каренбауер.
Дали АКК навистина ќе стане нејзина наследничка, е нешто во кое има сѐ повеќе сомнежи. Против тоа се дури и делови во ЦДУ. Но, кој и да ја наследи големата Меркел, кој и да треба да продолжи онаму каде што таа ќе застане, нема да му биде лесно.
Ново на Сител
-
Од март Во Скопје ќе се изнајмуваат електрични автомобили, во просек ќе биде од три до шест евра
-
ЦИП: Заврши геофизичкото скенирање на предисториски локалитети во Охридско-преспанскиот регион и во Пелагонија
-
Адвокатот на починатата родилка од Куманово: Како може здрава родилка која имала здрав плод, природно да почине?
-
Бајден преиначи 37 смртни казни во доживотен затвор
-
Дал 5 евра за автобусот да ја мине границата, уапсен 28-годишен Косовец на Блаце
-
Извршена исплата за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко за периодот јануари-јуни 2024 и исплата за градинарско производство
-
Забрана за движење товарни моторни возила на патот Дебар - Маврово и Тетово – Попова Шапка
-
Студено и ветровито време со локални врнежи од снег