Свет
23. July 2016 - 15:49

Меркел. Државата ќе стори се да ја осигура безбедноста на граѓаните

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска, во обраќањето до јавноста по повод вчерашниот напад во Минхен, во кој животот го  загубија девет и беа ранети повеќе од 20 лица, истакна дека државата ќе стори се за да ја осигура безбедноста на граѓаните.

На прес конференција во Берлин, по седницата на Советот за безбедност, Меркел истакна дека Германија, а, пред се, жителите на Минхен, биле соочени со деноноќие на страв, и дека се уште сите се под впечаток од сликите и изјавите на сведоците во стравичниот напад на граѓаните.

Меркел кажа дека државниот врв разговарал со безбедносните структури за актуелната ситуација со истрагата за нападот, и го пренесе сочуството на владата до семејствата на убиените, а вети и поддршка за повредените на патот кон заздравување.

-Го делиме Вашето страдање и мислиме на Вас, порача таа.

Меркел потсети дека овој случај е тешко да се поднесе, имајќи ги во предвид нападите што се случија изминатите денови. Таа потсети на нападот во Ница, каде беа убиени 84 лица, како и неодманешниот напад врз патници во возот кај Вирцбург.

-Напаѓачот во возот во нашата земја дошпол пред една година и истрагата е се уште во тек, бидејќи нема да застанеме се додека не утврдиме како се радикализирал, подвлече таа.

Германската канцеларка истакна дека нападите се случуваат секогаш на места на кои секој од нас може да биде, заради што ги разбира стравувањата на граѓаните за безбедноста.

Истовремено, таа порача дека полицијата може да го одземе тој страв, укажувајќи дека чуварите на редот синоќа работеле многу професионално, брзо ги обезбедиле граѓаните и комуницирале на многу трезвен начин.

-Полицијата беше и остана главната помош и перјаница на безбедноста на граѓаните, нагласи Меркел.

Таа пренесе дека на Германија и пристигнуваат пораки на подршка и помош од цел свет, на кои таа се заблагодари, додавајќи дека е добро да се знае дека меѓу народите постои солидарност и дека Германија има многу пријатели во борбата против тероризмот.

-Ќе дознаеме кој точно бил мотивот за нападот во Минхен. Нема да застанеме се додека не дознаеме како напаѓачот од Вирцбург се радикализирал, најави таа, порачувајќи дека државата ќе стори се да ја осигура безбедноста на граѓаните.