Балкан
14. јуни 2017 - 13:26

Мекалистер: Србија очигледно оди кон членство во ЕУ

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Дејвид Мекалистер денеска во расправата за по извештајот за српскиот напредок изјави дека пораката на Европскиот парламент е оти Белград има иднина во ЕУ и дека очекува отворање нови две поглавја во преговорите со Унијата, јави дописникот на МИА од Стразбур.

- Србија јасно се залага за членство во ЕУ. Земјата отвори осум поглавја, од кои две се привремено затворени, а ние очекуваме да отвориме уште две нови поглавја, рече Мекалистер отворајќи ја дебатата во Европскиот парламент за извештајот за Србија.

Мекалистер истакна дека три точки кои се важни на патот на Србија во ЕУ се владеење на правото, економските реформи и регионалната соработка и добрососедски односи. Тој повтори дека напредокот во поглавјата 23 и 24, како и нормализацијата на односите со Приштина, се „неопходни“ за напредокот на Србија на патот на евроинтеграциите.

Малта, како претседавач со Европскиот совет, го поздрави напредокот на Србија во процесот на пристапните преговори, како и во соработка со ЕУ и регионот.

- Србија во текот на 2016 година направи значаен напредок. Битно е дека овој напредок е стабилен и продолжува, рече претставничката на Малта, Хелена Дали.

Таа додаде дека малетешкото претседателство ќе организира Меѓународна конференција со Србија следната недела, на која треба да бидат отворени поглавја што ќе добијат зелено светло од сите земји членки.

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, пред Европскиот парламент, ја поздрави, како што рече, избалансираната резолуција на Европскиот парламент за Србија, која според него е во согласност со извештајот за напредокот на Комисијата од 2016 година.

- Србија направи добар напредок кон членството во ЕУ, што е стратешка цел поставена и од Владата и претседателот Александар Вучиќ, рече Хан.

Комесарот Хан ја пофали Србија за напредок во областа на регионалните односи, за дијалогот со Приштина, како и за реформите на јавната администрација и напорите вложени во решавањето на миграциската криза.

Хан изјави дека очекува продолжување на дијалогот со Приштина и дека енергијата во Србија, по претседателските избори, ќе се насочи кон реформите.

Во дебатата европските пратеници констатираа дека извештајот за Србија е „избалансиран“„, дека земјата напредува, но има недостатоци, пред се во областа на владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, почитување на медиумските слободи и слободата на изразувањето, како и Почитување на човековите права.

Претставникот на социјалдемократите во Европскиот парламент, Тања Фајон, истакна дека Србија мора многу повеќе да работи на постигнувањето на стандардите на ЕУ во областа на правото, демократијата и човековите права.

Таа изрази загриженост поради состојбите во медиумите во Србија и пренесе пораки до младите во Србија кои, како ште рече, „се жалат дека не можат да добијат работа без партиска книшка“.

Претставникот на Зелените, Улрике Луначек, покрај пофалбата на сметка на отворањето на нови поглавја во пристапните преговори на Србија и напредокот на земјата кон функционалната пазарна економија, изрази загриженост поради слободата на медиумите во Србија, реториката во текот на изборната кампања за претседател на Србија, забележаните нерегуларности во текот на изборниот процес, но и поради недостигот на напредок во истражувањето во случајот „Савамала“.

Претставникот на социјалдемократската група романскиот европратеник Виктор Боштинару во своето излагање истакна дека не смее да се поддржува т.н. „стабилократија", односно дека „стабилноста е важна, но не по цена на жртвување на други вредности“.

Хрватската пратеничка Ружа Томашиќ истакна дека не е задоволна од напредокот на Србија, ниту од Европската комисија, која, според неа, „дозволува отворените прашања да не бидат решени". Томашиќ како пример го истакна прашањето на границите, имотот и човековите права.

Унгарската европратеничка Кристина Морави во своето излагање побара „целосна автономија за унгарското национално малцинство во Војводина“, по цена на стопирање на пристапот на Србија во ЕУ.

Во завршните обраќања, комесарот Хан и известувачот на Европскиот парламент Мекалистер, констатираа дека Србија е „движечка сила во регионот“ и дека „во дебата повеќето европски парламентари јасно го поддржаа членство на Србија во ЕУ“.

Европскиот парламент денес ќе гласа и ќе треба да ја усвои резолуција за Србија, заедно со таа за Косово и Македонија.

Резолуциите немаат обврзувачки карактер, туку се политички препораки на една од трите најзначајни институции на Европската Унија.