Македонија
2. February 2024 - 16:58

Мехмедовиќ: Пикот на грипот до крајот на февруари

Зголемен број на болни од грип се регистрирани и во последниот извештај на ИЈЗ. Пријавени се 1834 случаи, што е за 159 повеќе од претходната недела. Една третина од новоевидентираните се деца под 14 години. Доктор Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести вели дека според статистиките од претходните сезони пикот на вирусот се очекува кон крајот на месецот.

- Гледаме дека и во последниот извештај на ИЈЗ имаме зголемување на бројот на позитивни случаи и тоа зголемување е за 7 отсто од следењето изминатите 13 години. Бројот е помеѓу средна и ниска активност на вирусот, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Епидемиолошката состојба со грипот членовите на Комисијата ќе ја разгледуваат на состанок идната недела во среда. Засега остануваат истите препораки за носење маски во болниците и на места со голема фреквенција на луѓе, како и вакцинација на лицата кои се во ризичните групи.

- Имаме во последниот извештај 2-ца починати од грип на 20 и 36 години со повеќе заболувања, хематолошки, кардиолошки и дебелина, што е класичен пример дека овие категории граѓани треба да се вакцинираат за да се заштитат од тешки компликации, вели д-р Мехмедовиќ.

Оваа сезона регистрирани се 8 смртни случаи од компликации од грип.