Македонија
23. February 2021 - 8:27

Меѓународна потерница по Сашо Мијалков, реакции и барање одговорност

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по екс директорот на УБК Сашо Мијалков, кој од неделата е недостапен за полицијата. Тоа отвори многу дилеми и предизвика реакции од повеќе страни, како и барања за одговорност и истрага за евентуални пропусти од надлежните институции.

Претседателот Стево Пендаровски, вчера ги повика надлежните институции во најкус можен рок да спроведат истрага за целосно расветлување на случајот и доколку бидат констатирани какви било пропусти од страна на надлежните институции да биде преземена одговорност.

-Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција, потенцира претседателот Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања по сведочењето во случајот „Титаник“, вчера рече дека е разочаран што Сашо Мијалков се уште не е пронајден и не е однесен во куќен притвор, но дека очекува детали од сите надлежни институции за овој случај и ако некаде биле констатирани пропусти ќе се бара одговорност.

– Очекувам детални информации и истрага за самиот случај од судот, јавното обвинителство и од МВР. Нашиот народ очекува целосно расветлување на ваквиот случај и понесување одговорност ако не се спроведе судското решение за ставање во притвор на лице за кое се очекува да се донесе пресуда за еден од најважните случаи во Република Македонија, за случајот со прислушувањето или таканаречен „Таргет-тврдина“, рече премиерот Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара оставка од Владата, по веста дека полицијата не можела да го најде екс директорот на УБК, а потпретседателот на партијата Александар Николовски, вчера и даде 24 часа на Владата да го обезбеди Сашо Мијалков.

-Оливер Спасовски молчи, Радмила Шекеринска ја нема никаде, а Зоран Заев жали и ја префрла вината. Имаат 24 часа да го обезбедат бегалецот од правдата. 24 часа, Зоран Заев, Оливер Спасовски и останатите од Владата да го обезбедат бегалецот од правдата. Со Македонија владее крими – коалиција. И за тоа очекуваме во следните 24 часа да го обезбедат бегалецот од правдата, рече Николовски.

За бегството на Сашо Мијалков, реагираше и американскиот Стејт департмен, чиј портпарол за Гласот на Америка, вчера рече дека се свесни за овие извештаи, и дека ја следат ситуацијата одблизу.

За тоа зошто Обвинителството не побарало притвор во петокот, по завршување на рочиштето за „Таргет-Тврдина“, шефицата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал Вилма Русковска синоќа, рече дека постојат две причини.

– Првата е што немавме законска можност, затоа што обвинетиот Сашо Мијалков ги почитуваше превентивните мерки кои му беа определени од судот, а исто така редовно се јавуваше на сите рочишта. Втората, многу поважна, причина е тоа што, доколку во тој момент Обвинителството побараше притвор, можеше и ќе се протолкуваше како прејудицирање на пресудата, изјави Русковска.

Рускоска не сакаше да шпекулира каде е пропусот, но отфрли каква било одговорност на Обвинителството. Истакна дека за неа како обвинител и како човек е страшно што бегствата се повторуваат.  Посочи дека во саботата после 12:30 часот на пладне, откако добила оперативна информација од нејзин личен извор дека е можно бегство на Мијалков, остварила контакт со министерот за внатрешни работи кој и рекол дека ќе ги провери сознанијата кои ги добила.

МВР вчера попладне објави меѓународна потерница против поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, откако тој од неделата попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството го донел Кривичниот суд.

Тој е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Обинителството во завршните зборови за Таргет-Тврдина побара максимална казна за Сашо Мијалков, а пресудата треба да биде објавена в петок, на 26 февруари.