Македонија
20. јуни 2016 - 11:55

Меѓународен семинар за бегалската криза

Претставување на практиките за менаџирање на бегалската криза, не само на централните власти туку и на општините кои први се соочуваат со бегалската криза, е целта на дводневниот меѓународен семинар „Соработка и добро раководење на бегалската криза во Западен Балкан и централноевропските земји“. Орагнизатор е Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА) по повод Светскиот ден на бегалците - 20 Јуни. 

Според АЛДА, бегалците и бегалската криза се прашања кои никој не смее да ги заобиколи. На семинарот има над 70 учесници од 11 држави - претставници на општини, граѓански здруженија и институции задолжени за прием и регистрација на мигранти од Западен Балкан и Централна Европа.

Министерката за локална самоуправа Ширет Елези на отворање на семинарот потенцира дека властите во Македонија секојдневно се координираа на хоризонтално и вертикално ниво, во рамки на регионот и на ЕУ, за што побезбедно управување со мигрантската криза во смисла безбедност за мигрантите, но и на домашното население. 

Таа потсети дека во тој период под сериозен притисок беше општина Гевгелија, како и нејзините граѓани, соочени со комунални проблеми и капацитети кои, како што рече, можат да одговараат главно на потребите на жителите. Елези потенцира дека меѓународната поддршка беше добредојдена и упати благодарност до УНДП кои, како што рече, реагираа на сите акутни проблеми и потреби на општината. 

- Праксата покажа колку е важна помошта од граѓанскиот сектор, кој е искучително мобилен, флексибилен и организиран и кој може брзо да реагира во алармантни ситуации. Грѓаните не останаа рамнодушни, особено оние кои се најдоа на патот на бегалците, а главно тие покажаа загриженост и поддршка, мотивирани од хумани и егзистенцијални причини, рече Елези. 

Уго Поли, одговорен за миграции во Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) соопшти дека мигрантската криза беше голем проблем низ цела Европа и, како што рече, немаше доволно цврсто претставување во однос на состојбата на мигрантите и бегалците. 

- Главните прашања, како што беа безбедноста, политиките кои се наметнаа, заштитата на граничните појаси и интервенцијата од страна на полицијата беше тоа што доминираше наспроти позитивните политики на државните, локалните власти и невладините организации и спонтаните акции на граѓаните, рече Поли. 

Во случајот со Македонија, како што рече, тука беше проблемот со затворањето на границата која го засени моментот на посветеност на самата заедница и на граѓаните, кои помагаа во случајот на мигрантите. 

- Затворањето на границите од една страна беше непопуларен чекор, но од друга страна беше потреба да се справи и да се управува со итната сосостојба со бегалската криза. Но, во моментов треба да се обнови поголемиот степен на меѓународна соработка, на транснационална соработка, да се работи на планирана инклузија и да се интегрираат цврсти политики за интеграција во рамки на Европа, која се соочува со своите 500 милиони жители. Сето ова треба да се направи без да се има шокантни моменти во самите општества и без поголем политички немир, рече Поли, кој додаде дека Македонија е член на ЦЕИ од 1992 година. 

Јон Ивановски од Министерството за надворешни работи на Република Македонија и контакт лице за ЦЕИ и регионална соработка истакна дека е многу важно на мигрантот да гледаме на некој што ни е близок по проблем во животниот развој. 

- Проблемот на миграции мора да го адресираме како стретегиски проблем, како проблем со кој ќе се соочуваме многу долго време. Значи треба да направиме план за среден и долг рок за да успееме да го овозможиме и тоа право на слободно движење на секоја единка, нешто што е наша обврска пред Обединетите нации и пред сите други меѓународни структури, рече Ивановски. 

АЛДА е европска мрежа која има 180 членови (локални власти и граѓански организации) од 30 држави од ЕУ, Кавказ, Балкан и Медитеранот. 

Светскиот ден на бегалците денеска попладне во Монтажната галерија ЦАЦ во Паркот на Франкофонијата ќе го одбележат и ФИООМ, Легис, Хелсиншки комитет за човекови права на РМ и Младински образовен форум. 

Настанот ќе опфати повеќе активности меѓу кои и дискусија на тема „Право на азил во РМ: Дали пристапот до право на азил се претвори во нелегална рзмена и депортација помеѓу државите на балканската рута?“

- Овој ден е значаен за сите луѓе во светот кои се сметаат за бегалци, баратели на азил и внатрешно раселени лица. Имајќи предвид дека во 2015 и 2016 година светот се соочи со една од најголемите бегалски и хуманитарни кризи, овој ден е особено значаен за луѓето чии животи се загрозени, престојуваат и/или пристигнуваат во Република Македонија. Пристапот до правото на азил и хуманитарна помош во Република Македоија треба да бидат целосно овозможени, соопштија организаторите. 

Меѓународниот ден на бегалците денеска ќе го одбележи и Здружението НУН Култура кое организира „Караван по рутата на бегалците со велосипеди“. Поаѓањето на велосипедскиот караван е напладне од Транзитниот центар „Винојуг“ кај Гевгелија.

Целта на организаторот е да се солидаризира со бегалците и симболично да потсети на нивното движење со велосипеди по автопатот од јужната граница до Табановце на почетокот на бегалската криза.

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска преку соопштение побара да се врати бегалското прашање на општествената дневна агенда. 

- Додади го твоето име на петицијата и испрати го својот глас на поддршка и аларм до сите влади, а особено до сите европски држави да се мообилизираат и да ги пронајдат 10.000 деца багалци кои се грабнати и киднапирани! http://www.unhcr.org/refugeeday/, се вели во соопштението од „Меѓаши“.