Македонија
2. April 2016 - 16:59

Меѓународен ден на лицата со аутизам

Отворање на Центар за рано откривање и дијагностицирање на аутизам најави првата дама Маја Иванова. На настанот по повод денот на лицата со аутизам во Зоолошката градина, Иванова рече дека за поефикасно справување е потребно фокусирање на раната дијагностика и превенција, за таа цел потребни се и повеќе дневни центри низ Македонија. Пред се првата дама вели дека е потребно да се оформи регистар на лица со ова нарушување.

Кабинетот на претседателот оваа година се вклучува во кампањата „да се обои светот во сино“ за поддршка на лицата со аутизам. Дефектолозите се сложуваат дека од клучно значење е дијагностички центар. Според претседателот на здружението на дефектолози, во образовниот систем сеуште нема доволно стручни лица кои ќе работат со овие деца, но многу е важно и да се направи системски пристап за нивна инклузија, подобрување на условите и обука за наставниците.

 Дел од родителите велат дека децата со ова нарушување добро се прифатени и одлично се вклопуваат во училиштата.

Со музика и забава меѓународниот ден   2 април посветен на информирање и активизам за аутизмот  заедно со здружението и првата дама го одбележаа и мото клубот Ноќни волци, претставници на дипломатскиот кор, компании и учество на естрадни уметници. Вечерва повеќе државни институции ќе бидат осветлени во сино.