Живот
16. September 2020 - 11:08

„Медена земја“ од денеска во француските киносали

 Документарниот филм „Медена земја“ на Љубомир Костов и Тамара Котевска од денеска се прикажува во француските киносали.

„Медена земја“ продолжува со освојувањето на публиката во светот, по номинацијата за оскарите. Филмот од денеска се прикажува во француските киносали, што претставува вистинска реткост за еден документарен филм, со што се дава дополнително значење за самиот квалитет на филмот.

„Медена земја“ и Атиџе ќе бидат откриени од француската публика, но претходно францускиот печат и филмските критичари имаа можност добро да се запознаат со нив. Францускиот печат е едногласен во своите критики – сите се позитивни и со големи пофалби за оваа „ода за природата и едноставниот живот, колку и да е тој тежок“.

Двајцата македонски режисери, Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, како што пишува денешен „Либерасион“, изразија желба „приказната за Атиџе да може да предизвика кај луѓето да го сменат своето гледиште, да ги потсетат на она што веќе го знаат за односот помеѓу природата и човештвото“ и целиот филм беше насочен во таа насока.

Излегувањето на филмот „Медена земја“ во Франција е прилика за организирање на дебати, како таа предвидена вечерва во киното Стар во Стразбур, под покровителство на амабасадорот на Република Северна Македонија во Франција Јадранка Чаушевска-Димов, организирана од здружение „Асапистра“ на пчеларите од Алзас, и на здружението на пријателство Алзас Македонија (АЛМА).

Утревечер во Нанси во киното „Камео“ исто така е организирана филмска вечер со филмска вечер во 20 часот, проследена со едночасовна дебата организирана од МФФ во Нанси, кој прв го прикажа филмот во Франција, со учество на Зоран Барбутов вршителот на должности на постојната мисија на Република Северна Македонија при Советот на Европа во Стразбур и македонскиот новинар Тони Гламчевски кој е претседател на МФФ Нанси. На овие дебати е предвидено да се зборува за самиот филм, но и воопшто за повеќе аспекти од животот и она што може да ги привлече Французите во Севрана Македонија.
 
Доаѓањето на „Медена земја“, кој за прв пат беше премиерно прикажан во Франција на Меѓународниот Филмски Фестивал во Нанси-Франција точно пред една година, а потоа и на уште неколку други француски фестивали, е нова потврда за квалитетот на македонската кинематографија. За само една година, два македонски филма се најдоа во комерцијална експлоатација-дистрибуција во француските киносали, што е вистински подвиг, во 2019 тоа беше „Господ постои името и е Петрунија“ на Теона Митевска и сега документарниот „Медена земја“ на Љубомир Костов и Тамара Котевска.