Тенис
11. July 2017 - 10:47

Маратонскиот меч на Вимблдон за Милер

Жил Милер од Луксембург го елиминира Рафел Надал во осминафиналето на Гренд слем турнирот во Вимблдон. Милер, во спектакуларен меч кој траеше четири часа и 48 минути, го победи Надал со 3:2 (6:3, 6:4, 3:6, 4:6, 15:13).
 
Жил Милер ја забележа најголемата победа во кариерата, првпат победи играч кој е меѓу најдобрите пет на АТП листата откако демонстрираше врвна сервис волеј игра, стил кој доминираше на Вимблдон во последните 15 години од минатиот век.
 
Лукембуржанецот успеа да ги добие првите два сета, потоа Надал возврати со иста мерка, по што следуваше драмата во решавачкиот петти сет, кој траеше 135 минути.
 
Милер не успеа да искористи две меч топки во десеттиот гем, потоа имаше уште две во 20. гем, за на грајот да ја искористи петтата меч топка во 28. гем.
 
Противник на Милер во четвртфиналето ќе му биде Марин Чилиќ, кој лесно, во три сета, го совлада Баутиста Агут. Хрватот сите три сета ги доби со резултат 6:2.
 
Три сета за пласман во четвртфиналето одигра и бранителот на титулата Енди Мареј. Британецот не блескаше но успеа да слави против Беноа Пер со 7:6, 6:4, 6:4.
 
Противник на Мареј во четвртфиналето ќе му биде Американецот Сем Квери, кој одигра пет сета против Јужноафриканецот Кевин Андерсон 5:7, 7:6, 6:3, 6:7, 6:3.
 
Пласман меѓу најдобрите осум лесно избори седумкратниот шампион на Вимблдон, Роџер Федерер. Швајцарецот во три сета го декласира Григор Димитров 6:4, 6:2, 6:4.
 
Федерер во четвртфиналето ќе игра против Милош Раониќ, кој во пет сета го победи Александар Зверев од Германија.
 
Пет сета за пласман во четвртфиналето играше и Томаш Бердих. Чехот во осминафиналето го елиминира Доминик Тим од Австрија.