Маратонецот Зоран Димов го трча најдолгиот животен маратон
Велешанецот, 52-годишниот Зоран Димов е маратонец - државен репрезентативец кој за 34 години од својата спортска кариера истрча 102 маратони и 49 ултрамаратони (од 50-220 км) и ги воведе ултрамаратонот и планинското трчање во Македонија.
Во неговата долга спортска биографија стои запишано учеството на повеќе светски и балкански маратони и освојувањето на бројни медали и пехари за Македонија. До 2013 беше во добра кондиција и имаше место и можност да забележи и уште повеќе маратони и успеси, кои ги планираше и за кои секојдневно напорно и дисциплинирано се подготвуваше. Димов, на натпреварите за поштари на „Македонска пошта“ каде работи 26 години, 20 години од 1993 до 2013 година беше и најбрз поштар во Македонија, а воедно и најбрз поштар и на Балканските натпревари за поштари.
По тешката сообраќајка на 23 август 2013 година, кога тешко настрада како пешак на пешачки, одејќи на тренинг и се здоби со тешки повреди на двете нозе. На десната се здоби со три и на левата нога со 15 скршеници на потколениците, за жал се уште е во тешка здравствена состојба и се бори за своето здравје, со што го трча својот најдолг- животен маратон.
Поради тежината на повредите и бактеријата во коските која му е најдена од лекар по долго време по сообраќајката - кон крајот на минатата година, Димов досега имаше седум операции на левата и две на десната нога, но состојбата се уште не му е подобрена.
Имаше метална шипка внатре во левата нога, а веќе седум месеци на истата нога носи надворешен метален фиксатор, а по извршената тешка операција на пресадување на коска од карлица за спојување на скршена коска во левата нога.
За жал се уште не се гледа блиску целта на овој негов животен маратон затоа што се зависи како ќе му зараснат коските, а за тоа му се потребни уште многу месеци опоравување и уште нови операции.
Освен од лекарскиот тим на Клиниката за трауматологија во Скопје, поради големите финансиски трошоци за лекување кои му се потребни неопходна му е и финансиска помош од надлежните институции, пред се од Министерството за здравство. Ако ногата не му се опорави можеби ќе му биде потребно и дополнително лекување и опоравување и рехабилитација и на светски познатите клиники за ортопедија, но за тоа му се неопходни и финансиски средства кои Димов ги нема.
Зоран Димов со своите врвни спортски резултати и презентирање на Република Македонија во светот под нејзиното уставно име и веејќи го со гордост македонското државно знаме на целта на маратонските патеки во светот, за продолжување на лекувањето и побрзо заздравување на нозете, заслужува и има потреба од финансиска помош од надлежните, пред се од Министерството за здравство.
Зоран Димов, кој беше спортист на Велес за 2012 година, член на АК „Изгрев“ од Велес и државен репрезентативец во атлетика, познат и како поштарот бидејќи работи како поштар во „Македонска пошта“, поради повредите веќе две години и четири месеци е на боледување со минални приходи. Сопругата Оливера, спортист-атлетичар маратонец и ќерката, 22-годишната Стефани исто така атлетичар - маратонец на АК „Изгрев“ од Велес, а која неодамна дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се невработени.
Димов само за лекови за смирување на болките во нозете и инјекции за циркулација на крвта месечно троши по минимум три илјади денари, плус 4 илјади денари секој месец за одење на контрола по тешката операција секоја недела во Клиниката во Скопје, а поради што му остануваат минимум средства за егзистенција.
За атлетската кариера на Зоран Димов
Димов почнал да трча професионално атлетика од 1979 година на негови 25 години, иако и претходно се занимавал со атлетика. До тешката сообраќајка во август 2013 година, истрчал 102 маратони и 49 ултрамартони од 50 до 220 километри, или како што самиот пресметал истрчал дури 100 илјади километри во спортската кариера и 75 илјади километри изодел пеш во професија како поштар, што е фасцинантна километража за еден спортист и човек.
Трчал на маратоните во Загреб каде бил прв на 12 часа, на маратонот во Подгорица во Црна Гора бил прв на 100 километри во 2005 година, а на Белградскиот маратон на 12 часа дури три години едноподруго од 2010 до 2012 бил прв како државен репрезентативец на Република Македонија. Ќе трчал и во 2013, да не му се случеше тешката несреќа што ненадејно во секунда го снајде и која преку ноќ му го промени секојдневниот живот, нему и на семејството и предвреме му ја стопира успешната кариера.
Димов трчал и на маратонот во Љубљана и два пати на маратонот во Сиднеј во Австралија, а еднаш таму ја носел и ќерката Стефани во 2003-тата, кога таа имала само десет години.
Димов трчал на Светското првенство на 100 километри за 24 часа, два пати во Холандија и еднаш во Италија. Во Холандија за 24 часа на 190 километри трчал со натчовечки напори бидејќи месец ипол претходно во 2013 година имал операција на коленото. Но, со него како и на многу маратони била и сопругата Оливера, исто така маратонец и спортист која му ја давала сета неопходна подршка, за да истрча до целтта.
Димов три пати трчал и на долгиот ултрамаратон покрај Балатон Езерото на 212 километри, а последниот ултра маратон на нешто повеќе од 60 километри од Сомбор до унгарската граница го трчал на три дена пред сообраќајната несреќа.
Воедно по сообраќајната несреќа во 2013 година, за последен пат трчаше и на Скопскиот маратон на 10 мај 2014, кој е на 50 километри, на кој Димов симболично изоде на штаките 21 километар. Тоа сепак не е малку, поради тешките операции и се уште неопоравената лева нога, но сепак желбата и упорноста на Димов беше преголема за учество на овој маратон на кој трчал повеќепати.
Димови се првото атлетско спортско семејство во Македонија
Семејството Димови-Зоран, Оливера и ќерката Стефани пред дваесетина години беа првото атлетско-маратонско семејство во Македонија. Освен Зоран и Оливера трчаше маратон, иако последниве неколку години повеќе не трча, а поради повреди на стапалото. Оливера со години беше државен првак на Македонија во маратон, а го држеше и рекордот на Република Македонија во маратон. Со нив е и сега дваесет и двегодишната Стефани, која по стапките на родителите почна да трча уште на 4-годишна возраст со учество на Божиќниот маратон во Скопје, од 7 јануари 1997 година и се до денес како и нејзините родители, како член на АК „Изгрев“ и македонски атлетски репрезентативец.
Стефани во Суботица за 24 часа истрча 114 километри, а на Балатон Езерото на ултра маратонот на татко и Зоран, кога му давала поддршка, за 27 часа извозела на велосипед 212 километри.
- Напорно беше и за него и за мене, дали ќе издржам, ама сепак издржав и задоволството беше големо, потенцира Стефани.
- Некој мора да биде прв, а ние сме тие и сме горди на тоа што потоа и други семејства тргнаа на тој пат, потенцира Зоран.
Оливера појаснува дека освен физичката подготовка за маратон е многу важна и психичката спремност, а која Зоран ја имал на сите маратони, но тука била и таа и Стефани и поддршката која му ја давале да издржи и да стигне на целта.
- Зоран трчаше на маратонот во Холандија на 190 километри, само месец и пол по операција на коленото во 2013, но ја имаше поддршката од мене и покрај сите болки кои ги имаше, тој издржа и стаса среќен и со голем елан на целта. Со поддршката од мене последниот круг го трчаше со голема свежина и елан како да не трчал толку многу колометри. Издржа и на маратонот во Црна Гора на 100 километри, а кога 60 километри трчаше со патики, а 40 километри бос поради плускавци на нозете, но сепак издржа. Се надевам и му давам поддршка да издржи и во овој најдолг животен маратон, како што јас го нареков. Знам дека може и се надевам што поскоро ќе стигне до целта, потенцира Оливера за својот сопруг Зоран.
Зоран со благодарност до Конзилијарниот тим од Трауматолошките Клиники во Скопје
- Благодарен сум му на д-р Андреја Гавриловски од Клиниката за трауматологија од Скопје, кој ми ја спаси ногата и кој прави големи напори со тешките операции и после тоа со многу напори да ми ја излечи левата нога на која сега не можам да стапнам. Благодарност и до останатите лекари од Конзилијарниот тим кој со него ми ја лечат ногата и прават големи напори да се опоравам. Благодарност и до д-р Филип Тодоровски, хирург-трауматолог од Велешката општа болница кој случајно при еден рутински лекарски преглед, лани откри дека ногата не ми заздравува поради бактерија во коската, а што е последица на тоа што при падот во несреќата, 25 мои коски од нозете се валкале на нечистиот асфалт, каде сум ја внел бактеријата во коската.
- Посакувам час поскоро да се излекувам со оваа моја последна операција, а за жал знам дека ќе има уште една и можеби уште една операција, а се до конечно излекување. Имам болки, но мора да се издржи и месец поскоро да стигнам на целта на мојот животен маратон, потенцира Димов.
Поголеми казни за несовесните возачи
Зоран Димов во 2013 година за жал беше четвртата невина жртва која настрада на овој обележан пешачки премин, непосредно до бината на амфитеатарот во влезот на Младинскиот парк во Велес. Затоа Димов, како жртва апелира за повнимателно возење од страна на возачите, а во интерес на зачувување на здравјето на граѓаните.
- Тоа може да му се случи на секој, за жал, независно дали е спортист, лекар или работник, а уште пожалосно и потрагично е ако е се уште дете или млад човек, а сепак е совесен граѓанин кој правилно минува улица на пешачки премин. За жал потребно е само во секунда да те прегази некој несовесен возач на голем мотор како мене или возач на автомобил и слично, кој среде град вози пребрзо. Затоа сметам дека и казнените санкции од полицијата треба да бидат поригорозни за ваквите несовесни возачи, потенцира Димов.
На новинарско прашање што е со тогаш 29, а сега 31-годишниот мотоциклист со иницијали В.Т. од Велес, кој тешко го прегази, Димов не сакајќи да го спомне ни неговото име, не информира дека во судењето на државата против возачот што го прегази, В.Т. од судијката добил само 6 месеци условно и толку.
Иако ниедна парична сума како оштета нема да ја надомести болката и штетата по здравјето која му е нанесена, Димов појаснува дека за тоа е потребно тој лично да поднесе тужба во судот против прекршителот. Тој да оди на судење засега нема време и можност физички, а и поради состојбата со левата нога која буквално му виси. Воедно и бидејќи нон стоп е по болници и на операции, а по кои потоа тешко и со месеци закрепнува. Но, сепак парични средства му се потребни, пред се за скапото и долго лекување.
И покрај големите болки што ги има со мала насмевка и искра во неговите очи како што ја имаат врвните спортисти, Зоран Димов и покрај се е голем оптимист, кој лесно не се предава.
- Битката за здравјето која се уште ја трчам, овојпат ми е најдолга и најтешка животна маратонска трка, но во која сепак очекувам, месец поскоро да стигнам до целта, потенцира Димов, кој потстетува дека му е потребна и ја очекува и финансиската и друга поддршка од надлежните во државава.
Антоанела Димитриевска
Ново на Сител
-
Приведен бегалец од затвор
-
Тетовец со „тигуан“ шверцувал пиротехнички средства на Јажинце | ФОТО
-
Кражба на струја во Кавадарци
-
ЦУК: Шест пожари на отворено изминатото деноноќие, еден сѐ уште активен
-
Сиљановска Давкова - Радев: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на вредностите на ЕУ
-
Блинкен во Брисел во момент кога победата на Трамп го активира алармот за Украина
-
Почина бизнисменот Миодраг Костиќ
-
18-годишно момче загина во Охрид откако со „пежо“ излетал од патот кај „Елешец“