Македонија
2. March 2021 - 16:40

МАНУ потврди дека новиот раст на случаи се должи на британската мутација

И МАНУ потврди дека една од причините за зголемениот број на нови случаи со Ковид во земјава е британската мутација. Најновите анализи направени во нивната лабораторија покажале дека кај 50 проценти од испитаните случаи последниот месец биле заразени со британската варијанта на коронавирусот. Од истражувачкиот центар за генетика во МАНУ посочуваат дека послениот период во Македонија забрзано се шири и чешко - словачката варијанта на вирусот. Во нивниот извештај се посочува дека од почетокот на годината до средината на февруари од скенирани 524 примероци во државата детектирани се 35 мутации на вирусот, но меѓу нив не се откриени јужноафриканскиот и бразилскиот тип.

Од Министерството за здравство одговорија дека и покрај повисоките дневни бројки на новозаразени засега не се планираат дополнителни мерки за да се спречи понатамошно ширење на коронавирусот. 

-Засега мерките се добри, а состојбата е мирна и стабилна и нема нагол раст на случаи како што беше во ноември. Во моментов има зголемен број на хоспитализирани пациенти во Кавадарци, Охрид и Прилеп, но има доволно болнички капацитети на располагање, велат од МЗ.

Покрај овие градови кои и во дневните извештаи бележат и најголем број на новозаразени, изминатото деноноќие само во скопските Ковид центри хоспитализирани се 49 пациенти поради компликации од Ковид, што е речиси двојно повеќе од просекот во февруари.