Македонија
6. March 2024 - 21:17

Малолетник повреден од друг малолетник кај Мавровка - Психолозите алармираат состојбата е алармантна

Нов случај на малолетничкото насилство во центарот на Скопје. Малолетник бил прободен со остар предмет кај трговскиот центар „Мавровка“. Од МВР потврдуваат дека било пријавено дека е повреден малолетник, од село Буковиќ, скопско, од друг малолетник од село Бојане. По направените медицински проверки и санацијата на повредите момчето е пуштено на домашно лекување.

Пред само една недела во Прилеп малолетничка расправија кобно заврши  за момче кое беше нападнато од негов врсник. Причината која беше наведена е меѓуврсничка нетрпеливост.

Состојбата станува алармантна предупредуваат психолозите.  Потребна е поголема ангажираност на институциите, а превенцијата е клучна во намалување на ваквите појави.

За психолозите најголема вина за малолетничкото или врсничко насилство се содржините на интернет кои изобилуваат со насилство. Но ретко кој родител досега побарал стручна помош за надминување на проблемите.

Статистиката на МВР бележи поразителни податоци. Во 2021-ва регистрирани се 27 настани на насилничко однесување, помеѓу ученици, но тоа не биле потешки инциденти. Најголем број настани се регистрирани на подрачје на СВР Тетово.

Следната 2022 година, бројот на случаи на насилничко однесување е зголемен двојно . Регистрирани се 75 настани, најмногу во Скопје или 26 и во Тетово 24.Најмногу од насилствата биле извршени во основни училишта или 43, а 32 нарушувања се во средни училишта.

Бројот на случаи со малолетничко насилство е во постојан пораст, па лани регистрирани се дури 102 настани на насилничко однесување помеѓу ученици, од кои најголем број се регистрирани на подрачје на Скопје - 40. МВР лани поднело и десет кривични пријави за кривични дела „насилство“, „насилство врз дете“, „малтретирање во вршење служба“, „тешка телесна повреда“ и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“, а поднесени се и пет известувања до Основното јавно обвинителство.

Речиси во сите случаи се работи за физички напади извршени поединечно, кај дел од нападите мотив се претходните расправии меѓу учениците.