Свет
28. October 2020 - 21:35

Макрон: Франција оди во карантин од петок

Францускиот претседател Емануел Макрон, при телевизиското обраќање до нацијата, го потврди она што се очекуваше – воведување построги мерки во борбата против Ковид- 19, односно дека е потребно „да се оди понатаму“ за да се запре вирусот, со воведување карантин од петок.

Ова се однесува на целата национална територија со прилагодување само за прекуокеанските департмани и територии. Училиштата ќе останат отворени, работата ќе може да продолжи, домовите за стари лица и домовите за пензионери можат да бидат посетени, објасни Макрон.

Како и пролетта, Французите ќе можат да одат на работа, да одат на лекарски консултации, да обезбедат помош, да купуваат… Приватните состаноци и јавните собири се забранети. – Тоа значи враќање на потврдата за излегување надвор, рече Макрон.

Поддршка до 10.000 евра месечно ќе се додели на деловните субјекти кои се административно затворени. Делумната невработеност е проширена за вработените и работодавачите.

Децата ќе продолжат да одат на училиште, односно градинките, основните и средните училишта ќе бидат отворени, додека студентите ќе ја следат наставата преку Интернет.

Сите мерки утре се очекува да бидат детално претставени од Владата.

Овие мерки засега се предвидени да траат до 1 декември.