Ракомет
10. јуни 2016 - 9:52

Македонските ракометари отпатуваа за Злин на мегдан против Чешка

 Најдобрите македонски ракометари, утринава отпатуваа за Злин, каде во сабота ќе го одигра првиот од двата бараж дуели против Чешка, преку кои ќе се брка настап на СП во Франција следната година. 
 
Според планираното, нашата селекција ќе одржи еден трениг, во терминот од 12 часот и 30 минути, време во кое утре (сабота) ќе започне мечот со Чешка. 
 
Иако во редовите на Чешка недостасуваат неколкумина стандардни репрезентативци, сепак, од нашиот табор предупредуваат дека мечот во Злин нема да биде лесен. 
 
- Знаеме дека ќе играат без неколкумина стандарди играчи, но тоа не треба да не залаже. Тие се добра репрезентација која сака да игра брз ракомет. Честопати и немаат трпение во одбраната па имаат нерезонски завршници. Едноставно не ја ценат топката. Тоа е нашата шанса, со дисциплинирана и црвста игра во одбраната да ги натераме што повеќе да го прават тоа, изјави пред заминувањето Наумче Мојсоски. 
 
Искусниот бек, иако најави повлекување од репрезентацијата по неуспешниот обид за пласман на ЛОИ во Рио, сепак популарниот Мојсо, и овојпат ќе помогне Македонија да се пласира на завршницата на едно големо натпреварување. 
 
За остварување на целта, црвено-жолтите најнапред утре ќе треба да извлечат позитивен резултат, односно да не бидат поразени, па на реванш дуелот во Скопје, во среда (15 јуни), уште еднаш преку Чесите, македонските ракометари да обезбедат пласман на завршницата на Светското првенство во Франција на почетокот на следната година.