Loading Video...
Фудбал
19. јуни 2021 - 17:11

Македонските фудбалери најавуваат: Против Холандија ќе играме за нас и за целата нација, одиме на победа

Македонската експедиција е во Амстредам каде во понеделник ќе го одигра дуелот против Холандија, последен за црвено-жолтите на своето деби на ЕП
 
Иако по двата порази од Австрија и Украина македонските фудбалери и теоретски ги загубија шансите за прогрес понатаму, сепак во нашиот табор најавуваат дека против „лалињата“ ќе играат за уште еднаш да потврдат, дека не случајно се дел од најдобрите селекциии на континеталниот собир.
 
„Подготвени сме за натпреварот против Холандија. Денес трениравме комплетно целиот тим, знаеме дека нè очекува тежок натпревар. Холандија може и со вториот тим да се појави на терен, но пак ќе ни биде тешко. Ние ќе играме за нас, но и за целата нација, за навивачите кои досега нè бодреа. По поразите од Австрија и Украина сфативме колку тешко да се биде дел од Европското првенство, ни треба искуство кое може да го добиеме само доколку што почесто играме на големите натпреварувања. Секако дека се чувствуваме должни што не издвоивме барем еден добар резултат, бидејќи се трудевме максимално. Сепак, сфативме дека потребно е да играме на високо ниво цели 90 минути за да стигнеме до такво нешто. Како и да е, останува мисијата да освоиме три бода до крајот на ова ЕП, па да ги повторуваме овие успеси со пласмани на следните шампионати“, изјави Елиф Елмас на денешната прес конференција. 
 
Неговото мислење го дели и дефанзивецот Муслиу кој истакна дека клучна ќе биде тимската игра. 
 
„Нормално е дека сме малку разочарани од резултатите затоа што посакувавме и очекувавме повеќе. Но, мотивирани сме пред Холандија, ние сме професионалци, ја претставуваме државата, и ќе играме до крај во желбата за победа. Холандија е исклучително силна репрезентација, без разлика во каков состав ќе игра, па единствено со тимска игра можеме да ги победиме. Знаеме дека ќе играат офанзивно а наше ќе биде со цврста игра на средината и преку контранапади да се обидеме да ги изненадиме“, изјави Муслиу.
 
Последниот меч на ЕП, Македонија ќе го одигра во понеделник од 18 часот, кога на „Јохан Кројф“ арената нашите фудбалери ќе излезат на мегдан со домаќините, Холанѓаните.