Македонија
12. February 2020 - 16:32

Македонските државјани на крузерот во карантин не се заразени со корона вирус

Тројцата Македонци кои се во карантин на крузерот Дајмонд Принцес, не се меѓу 10-те припадници на екипажот заразени со опасниот корона вирус.

Бројот на заболени расте и веќе 175 лица се транспортирани во болница. Со вирусот се заразил и здравствен работник кој се грижел за патниците а заболел и тинејџер кој е најмладиот пациент на бродот.

Уште една недела повеќе од 3700 лица на крузерот ќе останат закотвени во јапонското пристаниште. Македонските власти велат дека комуницираат за состојбата на нашите граѓани на дневна основа а им понудиле и конзуларни услуги доколку има потреба.

Од Светската здравствена организација, кои веќе два дена заседаваат на експертско ниво во Женева најавија дека вирусот доби официјално име Ковид 19.

- Сега го имаме официјалното име на болеста и тоа е Ковид-19 – изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адан Греберес.

 Во Кина е одложена трката на Формула 1 што треба да биде во април а поради дијагностицирање на корона вирусот кај вработен во Сингапур е евакуирана банка.

Бројот на починати се искачи над 1100 а повеќе од 44 000 се заразени. Утре на вонреден состанок во Брисел, министрите за здравство од ЕУ ќе заседаваат поради заканата од коронавирусот.

Ќе расправаат за евентуално прекинување на летови до и од Кина како и преземање на други мерки за заштита на населението.

Македонија, иако не е членка на Унијата ќе ги почитува препораките од утрешната средба.