Македонија
11. February 2020 - 16:38

Македонските државјани на крузерот не се заразени со корона

Македонците заробени на крузерот Дајмонд Принцес во Јапонија, не се меѓу заболените со опасниот корона вирус. Двајцата мажи се по потекло од Гевгелија и Битола а девојката е велешанка, кои во потрага по заработувачка завршиле да работат на бродот.

Вчера со нив конечно стапиле во контакт и од македонската амбасада во Токио, од каде им пратиле порака дека се подготвени да им пружат секакви конзуларни услуги или да пренесат важни информации.

Според податоците кои се објавуваат по социјалните мрежи, тројцата македонци добиле заштитна опрема од јапонското министерство за здравство и се под епидемиолошки надзор како и останатите патници и членови на екипажот.

Ќе останат во карантин на бродот до 19 февруари, по што ќе знаат што понатаму. Здравствените власти велат дека се во постојана комуникација за состојбата на нашите граѓани.

-До утрото, спроед информациите, тие се добри и не се меѓу заболените. Информациите за нив ги добиваме преку луѓето назначени за комуникација преку меѓународниот здравствен праилник, вели Венко Филипче, министер за здравство.

На крузерот има околу 2700 патници а 161 досега е заболен од опасниот вирус. Јапонските власти најавија дека од крузерот ќе ги евакуираат постарите лица и хронично болните бидејќи се најподложни на инфекции. Според информациите, околу 80 проценти од патниците се постари од 60 години а 11 се девеесетгодишници. Освен интересот за нашите граѓани на крузерот, на социјалните мрежи се појави и информација од граѓани дека во пошта добиле информација за пратки од Кина, кои од 28-ми па натаму немало да бидат доставувани во нашата земја. Ваквата информација не ја потврдија од македонски пошти.

-Во изминатиот период не е забележана тенденција на намалување на пристигнати пратки од Али експрес и според вообичената динамика се доставуваат и се подигнувааат пратките од страна на нашите корисници, велат од компанијата.

Поради алармантната состојба со вирусот од кој досега има над 1000 починати и повеќе од 42 000 заразени, министрите за здравство на ЕУ в четврток ќе одржат вонреден министерски состанок во Брисел за да се координираат околу кризата со заразата и последиците за јавното здравје и економијата. Од Хонг конг пак, пристигна морничаво предвидување на епидемиолог дека коронавирусот може да зарази 60 отсто од светската популација.