Македонија
1. August 2017 - 9:22

Македонија утре ќе ги одбележи двата историски Илиндена

Република Македонија утре ќе ги одбележи двата историски Илиндена - 114 години од почетокот на Илинденското востание и 73 години од Првото заседание на АСНОМ. 

Чествувањето утре ќе почне во 8 часот во црквата „Свети Спас“ во Скопје каде ќе се обрати претседателот на Владата Зоран Заев. Македонскиот премиер и премиерот на Бугарија Бојко Борисов ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во дворот на црквата. 

По повод Денот на Републиката, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во 10.25 часот ќе се обрати пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто во центарот на Скопје. Претходно (во 10.00 и 10.10 часот) Иванов ќе положи цвеќе пред споменикот на АСНОМ (во паркот Жена-борец) и на споменикот на Никола Карев (пред Собранието на Република Македонија). 

Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце на свеченост по повод 73 години од Првото заседание на АСНОМ ќе говори вицепремиеот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Како и во минатите години, Српската православна црква не одобри македонска државна делегација да го посети манастирот Прохор Пчињски, како што наведе, „поради веќе добро познати причини“.

Централното одбележување на Денот на Републиката и 114-тата годишнина од Илинденското востание традиционално ќе се одржи на Мечкин Камен во Крушево. На народниот собир, кој ќе почне во 12 часот, пред присутните ќе се обрати претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери. 

Делегација на Собранието претходно, во 9.30 часот, ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, претседател на Крушевската Република, а во 10 часот венци свежо цвеќе ќе бидат положени и пред Споменикот на хероите во месноста Слива.

Пред почетокот на големиот народен собир на Мечкин Камен, во храмот „Св. Никола“ ќе биде одржана панихида. Програмата на народниот собир ќе почне со пристигнување и поздрав на коњаницата, по што ќе следува церемонија на положување цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република и интонирање на химната на Република Македонија. По положувањето цвеќе и официјалното обраќање, народниот собир ќе продолжи со пригодна културно-уметничка програма. 

Владата на РМ соопшти дека сите чествувања по повод Денот на Републиката ќе го имаат лајтмотивот инспириран од Крушевскиот манифест: „Наша Македонија - без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо - прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот“. 

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател... Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република. 

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил  Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.