Македонија
5. February 2024 - 12:20

Македонија се соочува со системска негрижа за културното наследство

Се соочуваме со системска негрижа на заштитата на нашето културно наследство, ад хок и парцијaлните решенија не водат никаде. Ова е ставот на лингвистот и експерт за заштита на културното наследство, Александар Јорданоски, автор на книгата „Културолошки точки во Македонија“ која се занимава токму со овие проблеми. Тој вели дека сега со Преспанскиот и договорот со Бугарија имаме проблематизирање на нашиот идентитет , но проблемите од оваа сфера како држава не сме ги решавале ниту претходно.

„Првите обиди за вградување на нематеријалното културно наследство, односно духовното културно наследство се во далечната 1988 година. Тогаш имало прва иницијатива да се вметне во законската регулатива духовното или нематеријалното културно наследство како содржина. Затоа што постоечката формулација споменик на културата опфаќа само материјална култура, но не и јазикот и фолклорот, она за што ние денес најмногу се бориме. Е сега и без Преспанскиот и договорот со Бугарија ние како држава успеваме да го вметнеме нематеријалното културмно наследство дури 2004 година. Е сега пресметајте од 1988 до 2044 година. Цели 16 години, тука немавме надворешни притисоци“, вели Александар Јорданоски, лингвист и експерт за заштита на културното наследство.

Според него потребна е промена на Законот за заштита на културното наследство кој веќе го надминало времето и условите во кои постоиме и опстојуваме.

„Системски воспоставена грижа, а тоа значи и планирање и финансирање и реализирање на проекти. Ние сега го немаме тоа“, додаде Јорданоски.

За заштита на нематеријалното културно наследство проблем е иселувањето, затоа што нема кој и на кого да го пренеси, но има и недостиг на кадар во институциите кој тоа да го евидентира. Пример е Институтот за старословенска култура.

„Сме кадровски ограничени при изработката на тие елаборати, но сепак се надевам дека во иднина ќе имаме подобри услови и ќе можеме да бидеме поефективни во заштитата на културното наследство особено на нематеријалното бидејќи тоа како и нематеријалното се во овие времиња и општествени процеси кои се случуваат во последниот период е и тоа како загрозено“, изјави Александар Василески, директор на Институт за старословенска култура Прилеп.

Стручнaта јавност очекувa овие предупредувањa за грижата на културното наследство да се сфатат посериозно од страна на надлежните.